Желба
Си ме видел гола
Неброен број пати
Батали тоа
Јас сакам
Да ме видиш
Мене
Си ме видел гола
Неброен број пати
Батали тоа
Јас сакам
Да ме видиш
Мене
Ќе го искористам моето легитимно право да:
Бидам размазена
Како денес
Да бидам пекмез
Мед
Да бидам, нe(и)чиј
Да плачам во јавност
Без причина
Без да се извинам
Никому
Без чуство на вина
Да бидам бич
Иако никогаш не сум
Со никого
Туку само строго културна
Одмерена и фина
И фино да отерам се`
Да испратам
Извриштам
Премолчам
Избришам
Заведам
Заебам
Заборавам
Да безделничам
Да се излежувам
Да се успијам
Преспијам
Сонувам
Одсонувам
Ќе си дозволам
Многу
Чоколадо
И други
Мали,
Ситни радости
За разгалување
А највеќе од се`
Ќе си дозволам
Неприметно
Да флертувам со тебе
Иако знам дека нема да можам
Да сопрам
А да не се удавам
Во сочни страсни сокови
Безбојно
Безболно
Ќе ти дозволам
Да ми бидеш шеќер
И со денови
Потем,
Со денови
Да си ги оближувам усните
Зашеќерени
Од убави, слатки
Сеќавања
Ете толку ќе си дозволам
Само толку
Работите се тука за да се(не) проментат
За да имаме потем за што да го обвиниме времето
Јазот кој се зголемува меѓу нас
Е само челуст
На гладен змеј, ненахранет
Која се отвара за да не проголта
Нас
Изгубени
Заблудени
За да се заборавиме до крај
И кога тогаш
Ќе не проголта
Проклетата аждаја
Во расчекор
Се гледаме немо
Залудно е да ти зборувам
Чинам
Зборовите не ми се ваќаат назад
А јас копнеам за ехо
Силно ехо
Кое доаѓа од дното на душата
Од суштина
До суштина
Ова е пат во една насока
Ако тргнеш
Ќе те понесе магијата
Ќе те фати мајата во канџите
И нема враќање…
Не грижи се!
Во суштина е многу
Едноставно
Треба само да погледнеш во себе
Да ја видиш својата големина
Да ја прифатиш
И да се носиш со неа
Низ животот
Не постои полесен начин
Мораш Сама да го издржиш товарот
На посебноста
Чекорејќи право
По патот
Очекувај
Секакви луѓе
Некои од нив нема да можат да те видат
Некои ќе ја вртат главата
На другата страна
Други, пак, ќе се преправаат
Дека не те гледаат
Додека со очите ти прават сопки
Гладно чекајќи да те видат како паѓаш, долу
За да се нахранат со свежа болка
Зошто се такви, задоени со завист
Макумина ќе успеат да ти се радуваат искрено
Радувај им се` и ти!
Во моменти на слабост
Ќе ти треба некој да ти се восхитува
Само за да се чувствуваш подобро со себе
Понекогаш
Ќе најдеш некој да го возвишуваш
Само за можеш, себе си, да се спуштиш долу
Не залажувај се!
Знам тешко е
Но запомни!
Никој не може да те уништи толку
Колку што можеш ти, самата
Никој не може да те повреди така
Како што го можеш тоа ти
Чувај се…
Посветено
На себе си
Theater
Who needs all that theater?
In this world
With just а few honest smiles
And so many faces
Running for the wealth
We forget our souls
Hooked on the wire of life
They hang down
I take off my make up
In years collected
Salt
On my cheeks
Enough to feed
Seven hungry seas
I stripped away all my sorrows
Only their smell remains
Dragging me back in time
There is nothing for me there
Everything I need is here, inside me
And in the opportunities
I steam myself with boiling water
As a tea bag
Slipping away aroma of sin
It can’t be washed
Fingers of memory left traces
Touches
Remains under the skin
Wrinkles
Where tears and smiles once crossed
When we look at each other’s eyes
Our looks fall somewhere far behind
Just to forget
How shallow we are
Inside
Chasing the spirituality
We forget the bodies
Hooked on the wire of life
They hang down
The masks have fallen down
In this meaningless ambiguous world
Does anybody need this theater?
I leave barefoot
There is nothing to take with me
The suitcase is only a decor
Не сум ти доволна, ми велиш
А пак, по којзнае кој пат
Ми стоиш на прагот
И во ноќта ненаситна ме земаш
Повеќе од еднаш
Не сум ти за навек, ми велиш
А векот ќе го минеш
Барајќи ме во секоја друга
Нама да ме најдеш
Знам, прекасно ќе сватиш
Ти фали нешто, ми велиш
Зар не знаеш
Ти самиот во себе си си фалиш
Излегов од темнинта
Се препознав во белината
Се извив
Полетна и дива
Во мислите носам небо
Во очите сјајот
На телово, машки очи
желни, залепени ко магнет
Моите чекори будат пролет
Во душата пламен
На дланката кријам едно М
Срцето во завој
Јас само сакав
Да ми подариш една розева хризантема
Да ме разбудиш со кафе во постела
Да ме држиш за рака пред сите
Да,
Јас само сакав
Со нашата смеа
Да ја растераме скопската магла
И на градските ѕидови да ми напишеш графит
Со кирилични букви
ТЕ САКАМ,
Снежна
Ах, да,
Јас само сакав
Да се качиме на Пелистер
А да се чувствуваме како да сме го освоиле светот
Ти ја затвори вратата
Јас го отворив прозорецот
И сега, повторно
Дишам
Ако не сум ти за везден
Не сум ти ни за празник
Ако не сум ти за утре
Не сум ти ни за сега
Ако не сум ти за дење
Не сум ти ни за ноќта
Ако не сум ти ни за кафана
Ако не сум ти ни за дома
Ако не сум ти
Тогаш зошто си повторно тука?
Небесно синило
Низ мене се движи
Дали е тага
или пак радост?
Исконска убавина
Заносна смиреност
Зимска белина
Гласна тишина
И јас
со себе си
Начули го срцето
Пронајди го патот
И запри се!
Во небесното синило на мојата душа
Скотви се!
Во пурпурната убавина на мојата радост
Загуби се!
Во ѕвездениот прав на мојата љубов
Стопи се!
Во зеленилото на моите очи
Разбуди се!
Незнам кога точно се случи, знам бев многу мала, и незнам дали беше поради тоа што личеа на самовили, или поради белите пачки и розевите шпиц патики, не сум сигурна ни дали беше поради мирисот на сцената што мами, ни дали беше Жизел или Лебедово езеро, но штом ги видов се роди тој сон, ненајавен и одненадеж ме обзеде силно и посакав да бидам балерина. И после долги години вежбање, монгу пара искинати мекани, раскрвавени шпиц патики и од годините избледено лилаково трико, некаде помеѓу ѕидот од огледала и кутијата со калафониум во ќошот на салата, исто така ненајавено и одеднаж тој сон, ме напушти. Многу лесно скоро ко од шала, реков крај, несакам да ме гледаат како пар тенки долги нозе, како згодно тело, впрочем несакав да ме гледаат, воопшто. Го ценев интелектот, сакав да видат повеќе, повеќе од надворешноста. Па се скрив во широките кошули и бордо мартинсот го превземаа местото на розевиот шпиц, кој долго потоа висеше на ѕидот во мојата соба, како украс и спомен на едно време, на еден сон. Само од време навреме умееа ми украдат по некоја широка насмевка и едно ах, коа ќе успеев да го подигнам погледот, упорно закован и потонат во книгите. Желна за знаење, полна со идеали и високи очекувања мислев светот стои и ме чека мене, ха, смешно ми е сега, но сепак бев само изгубено дете. Гладна за романи, ненаситна за поезија, занесена по психологија, тотално вљубена во филозофија, излудена по уметност, со желба да го сменам светот, непоправлив идеалиста со силна верба и дух. Тогаш првпат почнав да пишувам. Срамежливо, несигурно, ненаметливо, но зборовите ги криев од сите, упорно, како тајна. Понекогаш играв, сама и за себе, како одраз на еден одамна скриен сон, далеку од било чии очи. Потоа дојде друг сон педагогијата, заедно со индексот и многу бессони ноќи, полна со љубов кон најмалите и желба да го сменам образовниот систем во мк. И после неколку години, сватив дека моите реални десетки не биле доволни за реалноста. И така се сруши тој сон сосем реално и директно врз мојата глава. Сега длабоко психолошки правам пресметки, сега суштествено филозофски правам договори, сега уметнички удирам печати и грациозно ракувам со хевталица. Сега високо интелектуално знам кој уметник какво кафе пие. Но не се жалам, оти барем на момент, ме префаќа адреналинската еуфорија на снимањата и пак сум, на некој чуден начин, блиску до уметноста. Едно време сакав да бидам психијатар, да им помогнам на другите да се пронајдат себе си, но од животот научив дека никому неможеш да му помогнеш ако не си помогне сам. Сега сакам само да пишувам за сама да си помогнам и да се пронајдам себе си. Зарем се изгубив? Сега веќе не ми е срам да играм пред сите со т`гата во мене, знам никој не ќе остане рамнодушен и очи ќе се лепат ко восок, но ич не ми е грижа јас играм само за себе. И веќе не ги кријам зборовите подалеку од светот, не ми е грижа кој што ќе рече, јас пишувам за душата своја и среќна сум. Се пронајдов во зборовите, а лутав, толку долго. Сега знам која сум, Јас, Снежнобела.
Не помислив ништо
Штом те здогледав
Те посакав
И горните заби
Во долните усни ги зарив
Да не мечтаат по твоите
Залудно
Ти крадешкум
Една насмевка ми зеде
И во очите ми го врати сјајот
Потем ко вода низ прсти ми се лизна
Не успеав да те задржам
За себе само
Ко фенери над мене
Прашалници ми светат
Кој си ти?
Јас не те познавам
А сигурна сум
Се знаеме од порано
Од претходен живот еден
На М
Јас сум жена
Со длабоки зелени очи
Во кои можеш да потонеш
Со немирни, тенки, жар црвени усни
Со искрена насмевка што зрачи
И криво запче што штрчи
Јас сум жена
Со вистински брчки
На кои ми е испишан животот
Со витко тело
А на него траги од една рожба
Со вистинтински гради
Кои вдахнале живот
Со бестрашно срце, спремно да љуби
Иако е веќе целото со лузни
Јас сум жена
Со гласна смеа
Со жива болка
Со бела душа
Со врели солзи
И безброј мечти
Ако немаш храброст
Да ме љубиш ваква каква што сум
Замини веднаш
И онака ќе се разминеме
Уште на првата страница
Рацете ти се цели рани од мачето
Не личи за лејди – ми рече
Исто ко и срцето целото во лузни
Сите од тебе
Не личи за лејди – му реков
Ова го смисли однапред – рече
Ме знае премногу добро, помислив
Се насмевнав во себе
Да го смислив
Занев дека така ќе ми речеш
Те познавам и јас тебе
Повеќе од добро
Ми доаѓаш во ноќта
Нечујно ко крадец
Од врвот на трепките
Сонот ми го јадеш
Не, ти, не ми оставаш надеж
Ми доаѓаш во ноќта
Неочекувано ко ангел
Влегуваш без да тропнеш
Ме наоѓаш стуткана во мракот
За рака ме фаќаш без да ме допреш
Ме враќаш назад самата на себе
Заминуваш очекувано, но милно
Твојот мирис останува со мене
Се двоумам
Пак не знам што да облечам
Навлекувам змиска кожа
Па ја менувам во јагнешка
И додека
Ти седиш на два стола
Јас стојам на два ума
Не знаејќи
Со какви усни ќе те пречекам
Ни со какви очи ќе те испратам
А да те видам
Умирам
Јас сум
Конзервирана храна
За машко его
Јас сум
Зелена трева
За машки очи
Јас сум
Пресен квасец
За машкиот
Мозок
Се враќам пешки од работа. Не дека морам, туку сакам студот да ми го разбистри мозокот. Не е далеку, 30 минути пешки, ако одиш хистерично брзо ко мене. Чекорите ми се лесни, но сигурни, штиклите отсечно ми штракаат по замрзнатиот асфалт. Мислите не замрзнуваат како што ми смрзнуваат ушите, навираат како вртлог заедно со гневот. Го чувствувам како татне во мене. Си велам, добро бе Снежна, како можеш да си толкава гуска, да го преживуваш истото по стоти пат. Се вртиш во сопствениот круг, никако да се издигнеш над се. Сакам да најдам компарација со која ќе опишам како се чувствувам. Наjблиску до тоа како се осеќам е хероински зависник кој очајно се залажува и вели нема веќе, ова е последен пат, нема повеќе и пак паѓа на следниот тест. Ко гуска во магла се вртам во празно. Но не е тоа баш, гуската ќе се загуби и ќе застане некаде или ќе оди право, не во круг. Ко мува без глава, ама и таа оди хаотично не прави симетрични кругови. Тогаш ми текна на една случка од детството. Дури се зачудив од која фиока на мојата закоравена меморија ја извадив и несвесно се насмеав што не сум ја заборавила сосем, иако е чудна. Имав 6/7 години не повеќе. Често се врткав надвор сама, оти бев едно од двете девојчиња во мало од 20 деца. Живеев близу до центарот, во улица во која сите згради беа двокатни и исти. Јас смеев да се шеткам сама, во дозволениот радиус кој никој ми го немаше нацртано, ниту пак го имав измерено, а сепак знаев до кај му се границите. Ко куче врзано со невидлив ланец, смеев да одам до таму до кај што можев да го чујам гласот на татко ми, ко ќе ме викнеше од терасата оти ако не се јавев за 2 минути, секој пат следуваше истото следување. Тој ден ми беше необично досадно, па си правев осмици околу мојата и зрадата до неа. Во зградата до мојата беа се злобници, освен една баба и дедо. Со нив понекогаш си правев муабет. Сигурно некои чудни муабети биле тоа. Тој ден ја видов бабата, извадила ќумбе на дрва позади зграда, а на него вриеше вода во лонец. Отидов да испитам што прави. И тогаш ја носев љубопитноста, ко привезок, секаде каде што одев. Седнав на мало столче и гледав што прави. А таа до тогаш мила бабичка, зеде една жива кокошка, и и го скина вратот. Не се сеќавам дали и го стори тоа со рака или со нож. Сигурно сум го тргнала попгледот од ужас. Но љубопитноста ми го врати назад. Ја гледав кокошката како трча, без глава, во правилни симетрични кругови. На секаде прскаше крв. Се преплашив. Бабата гласно се смееше и стана уште пострашно. Сигурно се смеела на моето згрчено и запрепастено лице. Ме облеа ладна пот. Се зачудив. Иако бев мала, неможев да поверувам дека некој може да трча без глава. Потоа се прашав зошто трча, безнадежно, кога и онака нема да и побегне на смртта. Па се натажив. Се прашав како ли се чувствува оваа кокошка, избезумена, од болка, додека ја пролева крвта на сите страни. На земјата долго потоа имаше траги од крв, исто и на мојата маичка за која мајка ми ме караше, како сум можела да ја извалкам. Не одев веќе да муабетам со бабата. А и кога ќе поминев одтаму, уште долго потоа, ме факаше језа. Денес не се прашував како и било на кокошката, точно знаев, исто како на мене сега. Трчам во правилни симетрични кругови, по којзнае кој пат, ја преживувам истата болка, безнаеджно, и со крв на сите страни. Се насмеав. Барем се вратив во детството и си ја најдов копмарацијата, заклана кокошка, тоа е тоа. Можеби ќе ја искористам во поезијата. Веќе стигнав дома. Навистина одам хистерично брзо.
Во WC-то
На коленици
Со главата во школка
Го блујам
Јадот и џганот
Од животот
И се преколнувам
Никогаш повторно
Голи
Ми доаѓате во мислите
во сите пози и форми
Ве исшкам ко со метла
Ги затворам очите
И создавам друга
Поинаква
За мене прифатлива
Реалност
Во која љубовта
Нема триаголна форма
Во која љубовта е отсечка
А јас и ти сме нејзините крајни точки
Ајде
Премини го растојанието меѓу нас
Со еден чекор
Да се споиме
И да станеме
Една
Точка
Уживам
Во тебе
Ненаситно
Те испивам
Со големи голтки
Ко мастика
Ги растегнувам минутите
Да ни траат подолго
Ги соѕидувам сеќавањата
За да не исчезнат како
Газирани меурчиња
Веќе ми фалиш
Додека те испраќам
Во предсобјето
Си мислам
Ќе дојдеш ли повторно?
Си играм криенка
Со зборовите
Тие поумешно се кријат
Отколку што јас
Умеам
Да ги пронајдам
Ако овој ѕид
Е моето огледало
Тогаш не е ни чудно
Што сега
Е празен
Знаеш да бидеш посебен
Да нудиш лет
Кон величенственоста
Знаеш да бидеш прекрасен
Но дали си вистински?
Или пак се губиш
Некаде помеѓу
Сонот и јавето
Небото и земјата
Морето и пустината
Желбите и можностите
Да биде совршено
Да биде вечно
Да биде вистинско
Ко стара плетачка стуткана на прагот
Ослободена од мисли
Напуштена од чувства
Со избелена душа
Те чекам
Со поглед далечен, отсутен и празен
Втренчен долж прашината на патот
И додека те чекам
На безбојна борјаница деновите ги редам
Сите налик еден на друг
Рамномерни, натежнати од празнина
И да дојдеш
Јас веќе не ти го помнам ликот
Но ќе те препознаам
По солениот мирис на море
Ќе те препознаам
По топлата боја на гласот
Со еден поглед душите ќе ни се спојат
А потем
Ќе ми заспиеш во очите
Ќе те покријам со трепките
Ќе те сочувам во себе
А ти ќе посакаш
Да се вратеше поскоро
Те изгубив
Уште пред да те пронајдам – му рече
Будалче едно зар воопшто не ме познаваш? – и рече
Ти ме имаше уште пред да ме пронајдеш
Ме допре како ниту една друга
Те сакам на некој чуден начин – му рече
Но тој не ја чу
Веќе беше заминат по својот пат
Носејќи ја со себе љубовта за неа
И тој ја сакаше на некој чуден начин
Но не и кажа
Ја остави да сонува
И да се надева
Дојдоа тројцата
Во темниот агол на мојата соба
Џелатот, Душевадникот и Сатаната
Првиот рече: Да и ја исечам главата
Вториот рече: Да и ја исцицам душата
Третиот рече: Не, ќе ја измачуваме дур не полуди,
За самата да си ги пресече вените
Се ужаснав, се борев
Вриштев
Ја откорнував душава
Го преклопував срцево
Го диплев, го предиплував
За да го смалам, а со него и болката
Заспав гушејќи се во солзи
Се разбудив в мугри
Не беа тука
Си заминле
Не ми оставиле фискална сметка
Но јас добро знаев
Таа ноќ ја платив цената на моите гревови
Со време ќе дојдат и кај тебе
Тие не сакаат нерасчистени сметки
А гревови знам имаш многу
И се што ми стори
Се ќе те снајде
Се си има своја цена
Јас мојатa ја платив
А ти?
Скоја вечер за добра ноќ
Се поткревам на прсти
И се протегам
Да ги дофатам колачињата
Кои сама од себе ги кријам
На највисоката полица во кујната
И земам две по две
Медените срциња
Се секогаш послатки во пар
Ги затворам очите
Го чувствувам вкусот
На чоколадото
Неодоливо како тебе
И вишната
Кисело слатка ко мене
Но без неа нема магија
Ммммм
Ме потсеќаат на бакнеж
Ммммм
Ме потсеќаат на нас
Секој со својот порок
А Јас,
Со тебе
Јас умеам со зборови
Ти умеш со допири
Само дојди
Допри ме
Инспирирај ме
А јас ти ветувам
Ќе ти напишам песна
Кога те запознав
Бев само девојче
Со плетенки и цвеќе во косата
Изгубено во приказнита
Кои немаа среќен крај
Збунето те гледав
Како ми се лизгаш под кожата
Смело го истетовира својот лик
Врз моето срце
Ме обзеде сета
Ме уништи
За одново да ме создадеш
Ме остави
За да бидам само твоја
Додека чекорам боса
Низ крвавите потоци
На невините утра
Го испратив Февруар
А само што го пречекав
Претрча набрзина
Набрзина и замина
Убави мигови, многу работа
Адреналин, смеа и пиво
Беше милослив со мене
Грев ќе е да се жалам
Но сега го ишкам
Заедно со мачорите
Кои се мотаат под мојот прозор
Пројде февруар и сезоната за парење
Ќе се уморат и они и ќе си заминат по патот
И онака до мене не допира нивниот глас
А јас ќе останам сама да го успивам својот ѕвер
И да се надевам
Дека нема да го разбуди и најмалата бура
За да ме проголта и удави
Во огнот од страсти
Што го носам во себе
За мене љубовта е
Пролетен ветер
Доаѓа неочекувано
И ми ја освежува душава
За мене љубовта е
Летна бура
Ме стресува до срж
И ме прави жива
За мене љубовта е
Бистра вода
Која извира од непресушен извор
И тече лесно, но силно
За мене љубовта
Не е рудник
Каде ќе се мачиме
Копајќи
За да најдеме нешто
Што вреди
Туку сонце
Кое ти е пред очите
И сјае само по себе
Се отворив како морска школка
Моите песни се моите бисери
Некогаш бели, некогаш црни
За мене секогаш
Убави
Станав во 6
Како оние жени на кои секогаш им се чудев
Како простираат облека во 7
Зарем станале во 5 за да ја пуштат машината?
И дур велев Бог да чува, се прашував себе си
Дали некогаш јас, најголемата спанка на светот,
Ќе станам наспана во 6?
Не верував а еве ме на мојот прозорец, блогов
Го простирам мојот веш
Чист, нов, со мирис на лаванда
Па ги бесам тука пред очите на светот
Со шарени штипки сите мои соништа
Насмевки и таги, солзи и бакнежи
Моите страсти и стремежи, стравови и демони
Бескрајните желби, мојата љубов и моите копнежи
Се разголев до кожа
Ја отворив душата
Се дадов сета безрезервно
Само за да не полудам од мисли
И да не се распрснам од емоции
Додека те чекам
Да се појавиш од недоглед
Срцето ми мириса
На шеќерна волна
Талкам со мислите
Tвоите чекори ги следам
Те нема
Надежта е затвор
Кој се отвара пред мене
Додека спијам
Мојата перница
Сонува
За нашата иднина
А мојата прекривка
Ме покрива
Со спомените
Ми шепна ветрот ќе ми се вратиш
Па станав низ дома да спремам
Свежа салата од воздишки
Вечера од печени бакнежи
И колач од сништа
Во вазната ставам грст ѕвонлива смеа
Во мали теглички тагата ја делам
За да не заборавам среќата да ја ценам
Во шишиња од вино сеќавања точам
Велат со времето се поубави се
Во нивно име да се опиеме ноќава
Да ни го вратат љубовниот занес
На прозорците од копнежи завеси местам
А на креветот симетрично чаршав од страсти
И прекривка од надеж дека ќе се будиме заедно
Го чистам килимот од сите трошки
Гнев, самотија, љубомора и бес
За да остане чиста љубов
Кај и да стапнеш да те облее топлина
И додека спремам предчувствувам
Ако не те вратат крај мене пролетни те ветрови
Сигурно ќе те вратат летните дождови
И кумулонимбусите
Ти можеш во празна кутија од чевли
Да го спакуваш духот на обична девојка
И да го собере внатре
Или да го ставиш во тегла
И да ја чуваш за зимница
Но, јас не сум таа
Јас сум девојка
Која облекува високи потпетици
Оние, десетснтиметарските
Доволно тенки за да ти влезат во носот
И да ти го избушат мозокот
Спремна смело да гази
По тебе
Животу
Се прашувам
Каде ли оди времето?
Го спакував ли уредно
Во прашливите албуми
Во сведителствата,
Училишните книшки и индексот
А еве ме повтрно
Трчам низ школските ходници
Но таму веќе не ме водат
Потајни симпатии
Ни првата љубов
Ни љубопитноста
Ни жедта за знаење
Ни високите идеали
Ни соништа за иднината
Туку јас водам едно мало раче
И ранецот му го носам
Претежок за него
И пред вратата
За убав ден
Му давам бакнеж
Кој буди насмевка
Во која се огледувам
Јас и сета моја среќа
Ми ја раскажуваш тојата приказна
Мила моја пријателке
Твојот камен Сизифов претежок е
Како и сечиј друг
Во подножјето си повторно
По којзнае кој пат
Очекуваш да се изненадам
Да се чудам да те советувам
Но моето лице останува непроменето
Апатично, отрпнато
Ти велам
Мила моја пријателке
Јас веќе на ништо не се чудам
Никому не судам и не давам совети
Туку само една блага сочуствителна насмевка
И топол поглед од кој се чита
Дека често другарувам со тагата
Дека сум минала низ дворот на очајот
Дека многу пати сум ноќевала
Во одаите на осамата
Веќе не зборувам напразно
Не правам непотребни движења
Чудно сум помирено смирна
Ќе си помислиш сум се променила
Ќе си помислиш сум се откажала
Но нека не те лаже изгелдот
Мила моја пријателке
Ја носам јас во себе
И Вербата и Љубовта
Сега само земам оддишка
За борбата што престојува
Се штедам
За некое идно време
За некој нов поволен ветер
Кој ќе дувне
И за мене
И за тебе
Мила моја пријателке
Посветана на сите мои цурици
и нивните Сизифови камења
Ве Сакам
Силни Мои
Ги има таа сите точки
Од твојот имагинарен список
А јас немам ниту точка, ниту запирка
Имам само еден прашалник
Свртен наопаку како јадица
На која ја бесам
Последната нишка надеж
Има таа в раце нов шпил карти
А јас во ракав кријам
само една, последна и прастара
на која наречниците напишале
Дека не ќе можеш да живееш без мене
Оти ќе се вљубиш во бојата на мојата љубов
Играм до крај
Баш онака зихерашки
Се вложувам во една коцка
Која застанала бош, на работ
Помеѓу очајот и совршенството
Ни ваму ни таму, те ваму те таму
Ти фрлаш паричка
Уште пред да смислиш
Дали сум ти петка или сум ти глава
Зар не знаеш
Јас сум ти сонце
Без кое не ќе успееш
Да го создадеш виножитото
Повторно се појавуваш
Од другата страна на млечниот пат
Со врвот на зеницата ме здогледуваш
По сенката ме препознаваш
По облаците ме довикуваш
На ливадите ме посакуваш
Па се двоумиш
А јас
Низ смеа сите дилеми
Ќи ги решам ко ребуси
Ќе направам меѓу нас мост
Поплочен со розови воздишки
По ветрот ќе ти пратам
Балони полни безвременска љубов
А ти
Знаеш веќе наизуст
Со кое цвеќе да се најавиш
И со која песна да се појавиш
Знаеш
И да пробаш да одолееш
Не ќе успееш
Мојот пат е права улица
И да одам по скратени патеки, и да кружам по заобиколница
Сите патишта, повторно ќе ме доведат до тебе
Но јас повеќе не сакам одолговлекување
Не ме заслепуваат веќе излозите
Наредени со слатки зборови, лажни пофалби и ласкања
Не застанувам веќе на тезгите полни со празни емоции
Не купувам прорекувања од гледачките на дланка
И онака знам нашата приказна, неминовно ќе има среќен крај
Но и понатаму ќе го лепам носот
По излозите со обувки како да се слатки
Од Виенската слаткарница на прадедо ми
И во мислите секој ден ќе си купувам по еден пар
Секогаш на високи потпетици
За да можам најбрзо да ти стигнам до усните
Без да се поткравам на прсти, иако и тоа е романтично
Како и оној ден, кај пролазот
Кога успеа да ги преместиш небото и земјата, неколку пати,
Со еден бакнеж да ми ја поткренеш ногата нананзад
Како на парижанка сред Скопје
Се загубив во чашата со виски
За да се пронајдам на плочките од вецето
Мојот дух стоеше во ќошот
Го гледаше телото од страна
Силувано само од себе
Липав ко мало дете
Заборавено и загубено
Бев облечена, но срцето ми беше голо
Без да се крие под кожата, зад градниот кош
Можев да видам како лупа
Како ја пумпа крвта
Полно со љубов
Онаа добро позната
Но и онаа што ја криев од себе
И ја пикав во празно кутивче од ќибрит
Го преполнив толку
Што се претвори во црешово топче
Кое ми пукна в лице
И ми го разнесе мозокот
Потем го повратив бесот, и гневот и јадот
И пристигна зима сред рана пролет
Студот почна да ме тресе
Како девојчето со ќибритчињата
Упорно ја барав светлината
За да тргнам на кај неа
Но јас одамна ги изгорев сите чкорчиња
Те изгубив тебе
За да се пронајдам
Во вечна борба со себе
Која сум?
Каде сум?
И што понатаму?
Слушам надоаѓа тишината
Одекнува како ехо
Од празен бунар
Ги полни џебовите со шумови
Долапите со зборови
Остава празна
За мене прегласна тишина
Дојди ми како пеперутка на усниве
Со крилјата разбранувај ја тишината
Врати ми ги зборовите во боја
И кога ќе те нема тука
Крај мене
Јас ќе танцувам сама
Со зборовите
Додека ти се чудиш
Колку можам да примам
Ја се прашувам
Колку си спремен да дадеш?
Колку и да е
За мене е
Премалку
Го затварам кругот
И почнувам од почеток
Чистата нула
Сепак е подобра од минус
Повеќе не играм криенка
Лончето е изгорено
Млекото претечено
Не играм ни плочка
И да фрлам нема да падне на твојот број
Не играм ни брканица
И да ме бркаш нема да ме фатиш
Мојата предност се мери со светлосни години
Не играм ни шах
Одамна го кастрирав твојот крал
А бистата што ти ја кренав во паркот
Самиот ја обезглави
Не се обидувај попусто да ме врамиш во сеќавањето
Тоа е одраз на минатото што веќе не постои
Јас не сум таа и не сум тука
Не сум веќе мачка
Која гладно чепка по остатоците
Од изед(б)ената љубов
Туку лисица
Која со опашката ја мете несреќата
Од пред својот праг
Можеш само да ме сонуваш
Залудно и напразно
Не грижи се за мене
Низ животот не патувам сама
Мојата сенка ми е вечен сопатник
Зборовите ми се другари
А музиката љубовник
Ти се јавуваш
Јас те одбивам
Ако престанеш да се јавуваш
Јас ќе престанам да те одбивам
Едноставно зар не?
Боса ти шетам
По мислите
Со еден клик на маусот
Избриши ме
Можеш
Ако умот ти е фејсбук
Сончогледи
Ми расцветуваат пупките
Кога и да ми се вгнездиш во зениците
И како сончогледи секојпат се насочуваат кон тебе
За да откријат дека постојат
За да ти ги исполнат дланките
* * * * *
Мравки
Само една помисла на тебе
Ми го ослободува копнежот
Како рој мравки
Кои ми излегуваат од матката ко од маравјалник
И шетаат по внатрешноста на утробата
Трпки, трпки, трпки
Трепет
И скокот на папокот
* * * * *
Пеперутки
Во стара кутија за накит
Ги чувам оргазмите
Заклучени
За да ги ослободиш сите одеднаш
Ко безброј разлетани пеперутки
Низ сончевите зраци на пролетта
И со твојата грубост
Нежно
Да ме однесеш до врвот
Кажи ми нешто убаво
Зборувај ми
За еден сон
За една ѕвезда
За една совршена прегратка
Зборувај ми за нас
За еден топол дом и поткровје
За еден дрвен трем и лулашка од љубов
За две чаши црвено вино
И грст врели бакнежи
За ѕвонлива детска смеа
Мир и бесценето спокојство
Кажи ми нешто убаво
За еден обичен ден
Во кој малите ситни нешта
Ќе ја создадат среќата
Во кој едноставното
Ќе го достигне
Совршеното
Штом го чув крцкањето
Знаев дека ја згмечив
Како бубачка под мојот чевел
Остана само дамка на асвалтот на твојата совест
Недовршени нацрти за иднината
И решени равенки со проценти во моја полза
Остана и валкана трага на мојата потпетица
Како потсетник на времето
Кога тагата беше потешка од мојата телесна тежина
Кога болеше секое ново утро
Кога умеев со солзите да му го сменам вкусот на пивото
од горчлив во солен
И кога перницата до мене имаше оштри кошиња
Кои ми ја боцкаа подсвеста
За и на сон да не заборавам дека те немам
Беа тоа денови
Кога отсјајот од твојата сенка
Беше се што ми остана по тебе
И кога сеќавањата на твојот допир
Ми носеа рој пеперутки по грбот
И разиграни буба мари во тајните одаи
Кои те повикуваа да дојдеш како дождот
Ама не на гости туку дома
Не дозволувам да ме понесе занесот
Сега кога спијам на постела од твоите бакнежи
Чекам да ме прашаш: Ќе бидеш ли моја девојка?
Иако знам дека знаеш
Дека твоја никогаш не престанав да бидам
Сосема сум свесна
Со тебе одам по тенок мраз
Кој може да го стопи огнената топка
Што ја носам во себе
Стравот во мене демне
Дека повторно ќе те отргне од мене
Големината на мојата љубов
Само кажи ми како помалку да те сакам
Кога за мене си совршен
Само кажи ми како да се сопрам
Кога можам да го видам целиот наш живот
Секојпат кога ќе ги затворам очите
И кога сета моја среќа
Со буквите од твоето име
На небото
За мене е испишана
Ти си мој партнер за летање
Ти си мој сигурносен појас и падобран
Ко балон ме креваш во воздухот
Ме носиш до облаци од екстази
Ме воздигнуваш и возвишуваш
Па ме пушташ, без најава
Одеднаш, вртоглаво паѓам
На земја силно се забивам
Повторно со носот се заривам
Сакаш кога сум доле
Полесно ме газиш, кога лицево ти е до ногата
Како да си црн змеј, со еден здив
Ми ја гориш душава
Не останува пепел, само празнина
И малку ѕвездена прашина
Која ми е потребна за да направам магија
Да се кренам повторно
И со сета моја големина
Да те сакам
Одново
Ненаситно
Се додека постојам
Те чекав на клупата во рајот
Не гледав во часовникот
Не ги броев деновите
Ни потонувањето на сонцето
Ни менувањето на месечевите форми
Знаев дека ќе дојдеш
Не дозволував никој да ми го допре лицето
Освен ветерот и дождот
Кој ми ги љубеше солзите и ми ја миеше душата
Ми требаше таква, кристално чиста
За да можеш да се огледаш
И во мене, да се пронајдеш себе си
Дојде тивко, без најави и помпи
Седна до мене и без ниеден збор
Ме прегрна, нежно
Се почувствував повторно цела
Како никогаш да не не делел мигот
Како никогаш да не ме отфрлила твојата прегратка
Како никогаш да не сум ја спознала темнината
Како никогаш да не сум го допрела дното
Го препознав твојот мирис
Си помислив, добредојде дома
Се штрекнав и рипнав од сонот
Погледнавам до мене
Си велам, уф, добро е
Тука си
И до мене и во мојот сон
Те прегрнувам поцврсто
Ти годи знам
Ми ја возвраќаш прегратката
Те гледам
Се прашувам, што ли сонуваш ?
Преубав си и кога спиеш
Се насмевнувам
И пак потонувам
Во мојот совршен сон
Во кој сме едно
Низ смеа
Ми го посла Скопје на дланка
И нацрта мапа на моите стапала
За да можам и мижеечки
Да стигнам право до тебе
Ги поплочи улиците
Само за нашите чекори
Па го обои во магични бои
И го обви со мирис на липа и кафе
За да ја засакам дури
И неговата магла и неговата жега
И да не посакам никогаш да заминам на долго
Да се заљубам во овој град,
Одново,
Повторно,
Само затоа што ти живееш во него
Повторно се сретнавме
Лице в лице
Јас со мојата сигурност
Ти со твојата несигурност
Па седнавме на вага ко на клацкалка
Да се вагаме
Чие ќе превагне
Мојата вера или твојата невера
Мојата упорност или твојата колебливост
Мојата скромност или твојата вообразеност
Мојата белина или твоите црнила
Повторно се сретнавме
Очи в очи
Јас со мојата неможност да ти одолеам
Ти со твојот страв да ми се препуштиш
Не, јас не шетам под рака со смртта
Да, ти заслужуваш да бидеш срќен
А дали сме на крајот или на почетокот
Зависи од тоа
Дали ти умееш да сонуваш во пар ?
Како да те љубам премногу
А мојата љубов да не те исплаши?
Како да ти напишам илјада песни
А да не те вообразам?
Како да го задржам сјајот на љубовта
Низ годините што доаѓаат,
А да не згасне,
ниту да не изгори?
Како да го најдам патот
По кој ќе чекориме во ист од
А по пат да не те изгубам,
Да не се изгубам?
Како да продолжам да сонувам
А да не потонам во океан од илузии?
Ги сакам саботните утра спори
Го сакам утринското кафе црно и слатко
Демнее меѓу нас лагата
Како црна дупка
Се отвара, бездна до недоглед
И како ехо на далечен глас
Одекнува вистината
Не, ти не ме познаваш
А исти сме обајцата
Робови на лагите
Ме гориш одвнатре
Со твојата студена појава,
Како санта мраз
Леден, таинствен и полн со изненадувања
Ми се даваш, но не се предаваш
Те имам, но како да те задржам?
Те допирам, но до тебе, не успевам да допрам
Два реда жива ограда,
Трња и камења,
Високи ѕидови,
Дрвена капија
Ги растерувам мислите со неприметно тресење на главата
Се прекорувам, повторно премногу размислувам
Си велам во себе, препушти се, уживај во мигот
Влегувам
Ја затворам вратата зад себе и се поттпирам на неа
Нежно ги откопчувам копчињата
Ти откривам толку колку што е доволно
За да ти ја заскокоткам фантазијата
Со поглед на срна те повикувам
Не чекаш
Отсечно ми приоѓаш
Занесно ме земаш
Не се опирам
Опиено те следам
Танц на два универзума, блиски а далечни
Блесок и сјај
Едно трепнување на трепките
Како пеперутки
Одлетаа воздишките
Минавме низ мигот
И мигот мина покрај нас
Ти и понатаму остануваш ладен
А мене и понатаму ме топи твоето студенило
Додека ти лежам на дланките
Како стопена снегулка
Ме изневерија зборовите
Ме пресретна тишината
Молк
Штама
Ништавило
Ме проголта празнината
Што како црна дупка се шири во мене
И како молец во дрвениот под
Упорно ми го нагризува битието
Помножија твојата верба со два
Па поделија меѓу нас
Јас ја загубив мојата
Додека чекорев во морето со суви стапала
Ти најдобро ме познаваш
Моите крилја се бели
Но не се лебедови, туку на галб
Јас сум таа што сака да лета
Јас сум таа што копнее по небесното синило
Ти си тој што го сака цврстото тло
Приметуваш ли како паѓам ?
Ќе ме задржиш ли овој пат
Или повторно ќе ме пречека
Постојаноста на асфалтот ?
Се чешлам додека одам по улица
Така не се грижам дали влакната ќе се залепат за килимот
Косата одамна не ми била толку долга
Ми го прикрива погледот
Матен е
Ми се појавила брчка
Ми треба крема
И кожата ми е премногу сува
Дехидрирана е, затоа ме чеша
Повторно 8 часа заборавив да се напијам вода
Барам една чаша
Кивам од цедевита
Пијам чај од нане
Ми студи
Пак ѕвони телефонот
Ме умреа веќе
Неможам да престанам да мислам
Исклучи се, кулирај
А у, А у, А у
Ме пука параноја
Ми се плаче
Не можам да плачам
Вриштам
Не излага глас
Размазена си – ми велиш
Знам – и без да ми кажеш
Веќе не знам што со себе
Што со нас
У курац, у курац, у курац
Некои денови едноставно ме исполнува празнината
Научена сум на бури
Правата линија ме преплашува
А мојата долга костенлива коса се прелева со прамени од досада
Кога нема немирни ветрови да ја разбушават
Тонам на врвот на моите очековања
Се препнувам од неможноста да се откажам од болката
Со лупа барам грешки во зборовите
По инерција се облекувам во црно
А толку е едноставно да сум среќна
Кога ти си првото нешто што го здогледувам наутро
Штом отворам очи
Се насмевнувам нежно
И посакувам со тебе
Да ги дорам облаците
Толку многу чувства, толку малку зборови
Толку многу лаги, само една вистина
Недоречена
Ме немаш, те немам
Те немам, ме имаш
Ме имаш, те имам
Те имам, ме немаш
И пак одново
Во традиционален од
Чекориме
Три напред, две назад
За на крајот повторно да тапкаме во место
Во истиот маѓепсан круг
Заробени
Со духовите од минатото
Отвори ми
Зарем не слушаш како одѕвонува ехото
На моите одамна пролеани солзи
Јас сакам
Едноставно
По падините на твоето срце
Да чекорам боса
На прсти,
Нечујно
Тивко
Да не ме сетиш, а да ме осетиш
И во себе да ме задржиш
Зошто плачеш мамо, пак се скаравте со тато? – ме праша
Не, не е ништо сине, само се натажив малку
Зошто се натажи? Што се случи?
Продолжи да прашува, љубопитно и загижено
Ништо мами, ќе помине,
Му реков, додека си го секнев носот, полн со заглавени солзи
Ги стискав солзите со заби, да ги задржам,
Морам да сум силна, неуспевам секогаш
Како да му речам зошто плачам,
Совршен е, и прекрасен,
А јас сакам толку многу,
а толку малку можам да му дадам
Заслужува топол дом,
не само со под, ами и со кров
Заслужува топло гнездо, полно со љубов
Кај што ќе се скрие под две крила,
а не само под едно, преморено
Како да му кажам
Неуспеав, да бидам толку добра мајка колку што си ти добар син
Се обидов да се насмевнам
Го прегрнав
Мамо сакаш да си играме една игра?
Ме праша итро
Се вика вистина или предизвик
Овенот во него не се откажува,
Сака се да знае
Не сине, уморна е мама,
Можеби друг пат
Се плашам
Ќе го постави вистинското прашање
А јас нема да имам одговор кој нема да не боли обајцата
Ме пресретнаа белите страници
Одамна не сме се виделе – ми велат – Со денови не си напишала ни збор
Не сум – велам – Знам, иста сум како вас, бела и празна
Ме погледнаа в лице проценувачки
Што ти се случило тебе? – зачудено ме запрашаа
Толку си тажна, а сепак толку убава?
Животот – велам – И развлекувам горчлива насмевка на лицето
Зборовите ме изневерија, исто како и он
Поминаа покрај мене и ме одминаа
Не ми оставија ни еден збор,
За крај,
Не ми оставија ни простор за надеж,
Ни утеха,
Ни трага,
Ме оставија, само, да го чекам времето
Кога насмевката ќе ми биде секојдневие
Во ред е, мила – се обидоа да ме утешат
Па ти онака немаш повеќе солзи
Ќе мине се, ко река,
Силна си ти
Силна како карпа, стојам цврсто и одеднаш се рушам – се пошегував
Не се насмеаја
Ние сме тука за тебе, знај,
Ќе останеме, да ги чекаме твоите зборови
Да ни ја исполнат празнината
Знам – си помислив – Потребна сум им, исто како и тие мене
Сега морам да се одморам од се – им велам – ќе се сретнеме некогаш пак
Потоа, ми подарија балони полни со верба,
За среќен пат
Ги зедов,
Убаво е кога некој ќе те слушне, ќе те разбере, ќе те гушне
Па макар да се тоа бели страници
Благо им се насмевнав
И заминав
Таму некде…
Таму некаде,
Постои некој, што ги наслушува чекорите по калдрмата надевајќи се дека се моите
Можеби
Таму некаде, којзнае каде,
Постои некој, кој се обидува да ми го замисли лицето,
За да ме препознае со еден поглед
Можеби
Таму некаде,
Постои некој, кој би ме љубел,
Како што посакувам да бидам љубена
Можеби
Таму некаде,
Некој,
Некогаш,
Јас заминувам,
Од тебе
Сега
Засекогаш
Топлиот мирис на липа ме враќа дома
Нежно ми мириса на слобода
Како лего коцки го прередувам мојот ментален склоп
Во кој си ти единствениот за мене
И отворам врата на можноста
Оставам празен простор
И воздишка
По некое минато с(о)вршено време
Во кое по инерција сакав да бидам нечија
И како шал во лето ја отфрлам од себе
Таа старата навика да ти припаѓам
Во сета големина ја пронаоѓам
Старата јас
Која никој неможе да ја сопре
Да се чувствува возвишено
Слободна и целосно своја
Недостижна,
Фантазија твоја
Ја загубив вербата во тебе
Како бајат леб се изрони твојата величина пред мене
И се претвори во нула
Оставајќи ја бесмисленоста да ми извира од погледот
Ме прогонунва сознанието дека
Немам каде да одам
Ниту кому да се вратам
Ме убија зборовите
А не можам да престанам да ги барам
Молкот ме пречекува на порти
Со скрстени раце ко вратар
Но, не ме залажува
Јас добро знам тоа е мојот џелат
Жеден за мојот пискав врисок
Му се предавам
Немам волја да се борам
Но вриштам во себе
Не му допуштам да ужива во мојата болка
Горко му се насмевнувам
Со очи што сечат на пола
Му велам подготвена е
Мојата погубност по зборт
Бесполезно
Напразно
Се прашувам
Која ќе бев никогаш да не те сретнев?
Молк
Само мојот глас одекнува
Во твоите сеќавања
Тврдоглаво трагам по зборовите
Со кои ќе успеам да ја надвикам тишината
Упорно чекорам, дури и кога тапкам во место
Само за да не го загубам темпото и сонот под трепкиве
Повторно заспивам сама, во прегратка на надежта
А ме буди сеќавањето за твојата, единствена
Бесрамно гледам право во очи
Проникливо ја барам приказната што ја кријат
Не го покорувам погледот пред никој
Ни случајно не и оставам простор на случајноста да ме изненади
Неуспешно балансирам помеѓу поетичноста и патетичноста
Непотребно анализирам и ситничарам
До недоглед драматизирам за да постојам
По навика, до крв, ги гризам усните
И нечујно се прашувам
Дали те плаши сознанието дека ме изгуби, сосем?
Те боли ли помислата на мене?
Потоа умешно и лукаво
Ги користам солзите, насмевките и колковите
За да ги преместам небото и земјата
И да свртам се во моја корист
Повторно
Се по мое
Ми тежи желбата по тебе
Ко железна врата од заглавен лифт
Упорно брајќи излез
Во безизлезот
*
Ми остана само трепет
По оние тајни, нечујни игри
Скриени длабоко под ноктите на ноќта
Заковани како шајќи на ѕидот на сеќавањата
*
Си стои и копнежот,
Како траен кармин на усниве
Кои го сонуваат тој остар вкус, горчливо сладок
На тие усни, твои, сечии, туѓи, па и мои
*
Ќе се појавиш повторно
Кога виното ќе ти ја врати храброста
Ти ќе ја имаш моќта
А јас желбата да ти се предадам
И ќе се пронајдеме на темната страна на месечината
Споени во миг на свето лудило
*
Ако успееш да ме фрлиш преку работ
Во оган од страсти
Јас ќе паднам на нозе ко мачка
Но не на шепи, туку на високи потпетици
И в лице ќе и се смеам на глупоста
И мојата
И твојата
И на животот
Ако имам што да кажам
Ќе биде ли тоа нешто повеќе од бееееееееее
Ако имам што премолчам
Ќе биде ли тоа, токму она што сакаш да го слушнеш
Ако си го скратам мојов долг јазик
Ќе ме издаат ли очиве,
Безобразно
Биди внимателен
Моите рабови се остри
Ќе ти ги парчосаат мислите
Без да кажам ниту еден збор
Безполезно
Јас ти кажав се`
Се` и ти напишав
Веќе ништо не зборувам
Веќе не ни пишувам
Ќе оставам молкот да ти ја гризе совеста
Додека чекориш низ лавиринт од ништавило
Барајќи ја среќата
Знам, ќе ме носиш на душа
Со секое зајдисонце и со секое изгрејсонце
Што така попусто ми минува убавината
Ти ми ги измати очиве со тага
А јас пак ќе му се насмевнам на животот
И ќе си повторувам во себе како матра
Нешто убаво ќе ми се случи денес
Променети ми се усниве
Kако по вкус на жолта дуња,
Tркалезно се собираат
Променети ми се очиве
Тапо одѕвонува од нив тагата
Променети ми се соништата
Се некаде брзам, трчам, бегам во нив,
Променет ми е мирот,
Ко плевел во него се шири немирот
Променета ми е прказната
Кo волнено клопче,
Во неочекуван правец се одмотува
Само мојата променливост е непроменета,
Желбата што жеднее по тебе
И копнежот што копнее до бесконечност
И ти остануваш непроменет
На почетокот и крајот на таа бесконечност
И насекаде во меѓупросторот
Несвесно во мене зачнуваш песна
Kога потајно те гледам
Смирено вовлекуваш дим
И од него правиш неправилни форми
Во кои српесто ми ја врамуваш насмевката
Несмасно се спрепнувам од слоговите
Сред реченица ми губат смисла зборовите
Будалесто си го заборавам името
Кога ќе ме погледнеш
Две полни месечини ми вгездуваш во очите
Неприметно ти сервирам љубов
Во мали порции црно горко кафе, незасладен чај
И врели инстант супи
За да не те исплаши помислата
Дека можеби сакам да ти зготвам домашна
Се бркаме на опашката на летото
Јас се кријам зад два слоја маскара
А ти безобзирно ми го крадеш воздухот
И ме оставаш да дишам поезија
Стојам помеѓу два дома
Чекајќи да ме смири
Мирисот на свежо испечени кифли
Полека се навикнувам на тоа
Сама
Сеуште лутам
Сеуште се барам себе
Во одразот на огледалото
Гледам дете
А тиесетката е само на три дена одење од сега
Попусто
Не се пронаоѓам
Ни во тројката
Ни во нулата
Која сега упорно ме стега околу врат
Залудно
Повеќе би сакала да ја вртам околу половината
Додека ги нишам колковите
Обидувајќи се да те заведам
Повторно
Не знам дали знаеш
Колку многу ја сакам есента
И сите бои што во себе ги носи
И оние есенски дождови
И поигрувањето на ветерот со лисјата што умираат
И студот што почнувa да штипе
За да ме потсети дека набргу ќе треба да носам чизми
Сега веќе ништо не е важно
Помина се
Од мене излезе злото
Се ослободив од духовите на минатото
Се ослободив од тебе
Сега уживам во есента
Собирајќи диви костени
Само поради нивните совршени форми
Ги вртам низ дланките
Тоа ме смирува
И ме враќа назад во детството, во паркот пред зграда
Кога беше толку едноставно да се пронајде среќа
Како да пронајдеш совршено тркалезно костенче
Не знам дали знаеш
Станувам волк самотник
Дива
Нескротлива
И ладна
А некогаш те сонував секоја вечер
Некогаш копнеев само по тебе
Како да не беше тоа вчера
Ами пред двесто години
Сега посакувам нечиј допир
Сега посакувам туѓи усни
Да ги бакнувам без престан
Да ги гризам до крв
Страста ме гори одвнатре
Станувам себична
Знам
Сеедно ми е за сите
Но не ме плаши тоа
Оти е само фаза
Во која уживам
Да бидам само своја
Не врти ја главата во десно
Во лево
Со очите не барај го
Ќе го видиш со друга
Ќе се изгориш
Па ќе се изладиш
Ене го
Каде е?
Еве го
Не покажувај ништо
Среди се
Следи се
Не брчкај го челото
Не гризи ги усните
Не јади се
Не куди се
Во дрвен аван мозокот не толчи си го
Зошто е со неа, а не со мене?
Не прашувај се
Издржи
Над се издигни се
Насмевни се
Се насмевнувам
А он останува
Збунет
Празен
Изгубен
И тогаш
Кога немам по кого да се загледам
Ни на кого да се надевам
Кога стариот смрдлив лифт е единственотно нешто
Што ме крева нагоре
И тогаш
Кога продавачката чудно ме гледа
Што купувам само храна за мачки и пиво
Кога ништо немам
И ништо не ми преостанува
Чудесно
Од ништо се издигнувам
И се восхитувам на силата
Што одново извира од мене
Во очите ги носам сите бои
Годишните времиња во денот
Во еден здив четирите страни на светот
Но ноќта скржаво ја чувам
За тебе
За да ти ја запоседнам секоја клетка
И секој следен ден
Се повеќе да ти требам
Токму ваква
Предвидливо непредвидлива
Дива
И гладна за живот
Додека механички удирам печати
Te замислувам
Како полека одзади ми приоѓаш
Нежно над мене се наведнуваш
И ми шепотиш
Се она што би сакала да чујам
Ме грицкаш за увцето
Па острата болка
Ми ја смируваш, со меки бакнежи по вратот
Ти би можел, само кога би сакал
Со еден допир
Да му ги вратиш боите на денов
Што ги изгубив утрово
Во мастилното перниче за печати
Доста
Ме гориш со тоа студенило
Не ме ни погледнуваш
Не се ни помрдниваш
Молкум
Повлекуваш дим
И остануваш
Заробен
Во мојата фантазија
Како летна бура, дојде од ненадеж
Сега, кога цел град мириса на печени пиперки
Јас од тебе ништо не барам
Ништо не очекувам
Веќе одамна, на ништо, не се ни надевам
Само знај, ноќва не сакам долги, тешки разговори
Дефиниции и планови за иднината
Но сакам, ако можеш
Да го сипеш времето во стаклена епрувета
За да го замрзнеш мигот
Па на дланката да ми нацрташ мапа
На градот на одамна загубените соништа
Твоите прсти да ги испреплетеш со моите
И нежно да ме разгалиш со бакнежи
Со твојата младост да ми ја вратиш лудоста
За да се потсеам на времето
Кога револуцијата беше дел од моето име
Од утре повторно, ќе ме буди самотијата
А јас ќе го чувам сеќавањето за тебе
Во втората фиока, десно од реалноста
Ајде да сонуваме заедно
За повторно да се сретнеме
Таму некаде
Во соништата
Не сум канта за отпадоци – си велам
Од утре морам нешто да сменам
Да не си го трујам телото со брза, мрсна храна
Да не си ја грдам душата со зелени мажи
Да не си го трошам времето залудно
На бесмислени разговори до бесконечност
Да не се нервирам за беззначајни нешта
Да немам, повеќе, неоправдани количини алкохол во крвта
Да не се заљубувам од прва
Да не летам со трета
Да стојам цврсто на земја
Но никогаш да не заборавам
Какво беше чувството
Да водиш љубов со облаците.
Ти ми даде чоколадо
А јас посакував
Нешто многу послатко
Одамна се немаме видено
Како си? - ми рече
Подобра од порано – се насмевнав
Убаво изгледаш, но некако си ми поинаква – запримети
Животот не менува, исто како што ние го менуваме животот – одговорив
Го погледнав и видов очи со боја на тагата.
Сакав од нив да прочитам колку му недостасувам, но не успеав.
Можев само да претпоставувам, без да дознаам колку сум блиску или пак далеку од вистината.
Сеедно е веќе, сега, после се.
Морам да одам – реков
Брзаш некаде? – ме праша со негодувње
Да, брзам
Имам работа
Сметки за плаќање
Соништа за сонување
Песни за пишување
Усни за гризење
Со сигурен чекор заминав, прашувајќи се како е возможно ништо да не остане од сите тие чувства.
Не се свртев наназад
А тој …
Молкум
Чекам
Да се откриеш пред мене
Знаеш дека сум зборливка
А чудно сум тивка пред тебе
Не поради мојот страв од сочување
Ниту поради твојот страв од дефинирање
Само ја избегнам наивноста
Подобро ќе оставам
Да лебдиме во меѓупросторот до недоглед
Отколку од напред да го видам нашиот одраз
Во сто скршени огледала
Нема да ти кажам
Ќе чекам сам да почувствуваш
Ако умееш да ме видиш
Само тогаш си ми достоен
А дотогаш ќе постојам
За себе
Без лажни вистини
Без високи очекувања
Едноставно
Искрено
Пред себе
И ќе продолжам
Да те љубам
Во тишината
Како што ми фали првото кафе
На патот од дома до работа
Ми фалиш
Како бурек
Токму кога ќе се решам на диета
Како сонот што ми фали секојдневно
Ми фалиш
Како воздух
помеѓу две реченици
Што не го земам
Само за побрзо да се доискажам
Ми фалиш
Како секогаш што ми фали празно место
Во незнам и неможам
Исто
Како што ми фали единица мерка
Со која ќе ја измерам празнината
Помеѓу две наши соединувања
* * *
Зарем не сваќаш колку ми фалиш?
Некаде помеѓу
(јајапаша и чаирчанка)
моите размислувања
дали да вечерам туна или нешто друго
и колку се вкусни твоите бакнежи
сигурно сум задремала
штом ме разбуди конторлорот, велејќи:
Здраво девојко, картата молам
Ме исплаши – реков, збунето подавајќи му ја картата
Извини што те разбудив – се насмевна
Во ред е слегувам на следната станица
На патот до дома размислував
За премореноста
Работата
И себе трошењето
За мојата страст за живот
Минливоста
И малкуте моменти што ги имам само за себе
Не вечерав туна
Но како само слатко би вечерала
Порција од твоите бакнежи
Издигни се над се`
Си велам
А упорно сама се туркам кон дното
Секогаш одам спротивно од ветрот
Главата ми е, веќе, поцврста од постојано удирање во ѕидот
На себе ги носам сите нијанси, од зелено до сино,
Гладни очи со боја на маслина
И пар високи потпетици, купена сигурност
Посегнуваат по мене неброен број раце
Јас ги барам оние што мене не ме бараат
И додека се обидувам да ти одолеам
Сто ѓаволи ме горат
Со желбата за тебе
Oстанувам
Студена
А срцево клокоти како експрес лонец
Само што не почнало да вришти
Ааааааааааааааааааа
Твојата љубов – бајка
Измислена
Совршенo, далечна реалност
Јас – санта мраз
Не она што го гледаш
Туку она што не го гледаш
Ти – титаник
Давеник
Во сопствените гревови
Времето – судија
Ќе го има последниот збор
Одговорот што го немаме
Вистината
Сосем ми сеедно за него
Сеедно ми е и за тебе
Само ми треба некој
За кој ќе се гризам
Откорнувам
И кинам
Рамнодушноста ме убива
Знаеш, не ми е потребен тој,
Не си ми потребен ни ти
Само очајно ми треба
Предмет за идеализација
И барем малку
Инспирација
…
Никаде
Ја нема
Се натпреварува со мене ветрот
Се движи ли побрзо од моите мисли?
Се инаети со мене студот
Сака да докаже дека е постуден од мене
Ме тресе
А јас Санта Мраз
И времето бадијала се споредува со мене
Колку и да е лошо, подобро е
Од мене
Само дождот ми е сојузник
Тој лие
А јас плачам
Сигурна сум дека крајот
На нашата љубов
Има број
Штом пребаруваше
Во една од многуте големи книги за несреќни љубови
Со темно зелени корици (поголеми од училишни дневници)
За да ја провери веродостојноста на документот
Ми се замагија очите
Од мат стаклото на шалтерот
Па љубопитно се поткренав на прсти
За да ѕирнам низ прозорчето
Откако го пронајде бројот
Зеде два големи печати
И незаинтересирано
Удри
По документот
Два зелени правоаголни печати
За крај
Не ме ни погледна
Кога ми ги тутна хартиите низ процепот
Готово е – рече – Следниот
Пак ми се заматија очите
Кога помислив дека
Ова е се што остана од нас
Два зелени печата
И не се некој романтичен крај
Тогаш ми светна
Дека за нас не постои крај
Нашата љубов е жива
Ги има твоите бадемови очи
Моите усни
И моето јагодесто носе
Нашата љубов
Личи на мене кога се смее
А на тебе кога драматуршки се мурти
Нашата љубов ќе љуби и после нас
Е сознанието поради кое
Се насмевнав
Со очи
Со стаклен сјај
Понекогаш ми е доволно
Само да те гледам
Да те впивам во очите
И складирам во зениците
За да можам полесно да ги замислувам
Оние наши љубовни игри
Наместо приказна пред заспивање
Понекогаш ми е доволно
Само да го слушнам твојт глас
И да се претворам во срцебиење
Да го вдишам твојот мирис
И да се претворам во желба
Понекогаш не ми доволно ништо
Посакувам веднаш
Да те имам за себе
Полека вовлекуваш дим
Сосем смирено
Како да го предизвикуваш мигот
Навидум ладнокрвен
(машката возбуденост потешко се крие)
Со скриена насмевка
Ме прашуваш
Што толку најдов, баш во тебе
Додека јас лудачки те бакнувам, насекаде
Без ред,
Ненаситно
Сакаш да го чуеш
Сето она што е толку очигледно
Дека си најдобар, незаменлив, неповторлив, најпосакуван
И понатаму продолжуваш да прашуваш зошто
Tи годи, знам
Таа игра на зборови
И додека ти го хранам егото
Ја хранам и твојата желбата за мене
Без трепнување
Ја гасиш цигарата
Ме фаќаш за половината
И силно ме припиваш до себе
И …
Толку е доволно
За да потонам
Во соништата
Ме буди потсвеста
Вриштејќи
Сама си, сама си, сама си
И велам оди по ѓаволите
Јас си ги сакам соништата
Во нив е толку лесно да сме заедно
Имаш волшебни очи
Ако ми дозволиш, би сакал, да ги нацртам
Не му одговорив, само се насмевнав
Ако ми дозволиш, би сакал,
Да го освојам твоето срце – ми рече искрено
И помалку детски, наивно
Овој пат не се насмевнав
Само се замрзнав (како фриз фрејм на филм)
А мислите ми летаа побрзо од ветер
Не е твоја вина
Не е ни моја
Пред тебе имаше еден
Не ме сакаше за себе
Но сакаше
Никогаш никого да не сакам повеќе од него
За да се осигура
Направи пустош
Не ми остави срце
Сакаш ли да го освоиш празниот простор во градиве?
Помислив да го прашам
Но вината не беше негова
И наместо тоа реков
Морам да одам
Извини,
Но
Престара сум за овие
Детски
Романтични игри
Чудно време, пролет сред зима
Веќе ништо не е како порано
Се помести земјата од својата оска
Се поремети векот
Гледам жени што рабтат како мажи
И мажи што се женат за пари
Секакви не има – Луѓе сме
Толку различни, во суштина толку исти
Бареме совршенство
А тоа не (ебе во мозокот) постои
Вештачки усни
Вештачки гради
Исто такво срце
Лажни слики
Празни насмевки
Општа површност
Совршена апатија
Знаеш ли?
Среќата за мене и за тебе не е иста
Твојата се вика сигурност
А мојата слобода
Се си има свое лице и опачина
Секоја пара две позадини
Секој меч две острици
Секоја приказна две страни
Сам избери на која страна ќе бидеш
Сам си е одговорен за своите избори
За својот час, ден, живот
Сите лекции
Сите патила, болки, страдања
Не водат до истото сознание
Од кај сме дошле, таму ќе се вратиме
Се се менува, во суштина се останува исто
Се раѓаш, живееш, умираш
Се раѓаш, живееш, умираш
Се раѓаш, живееш, умираш
Прашањето е:
Ќе оставиш ли трага?
Лесно ти е тебе – ми вели
Ти си убава
Можеш да го имаш секој што ќе го посакаш
Од кога убавината е предуслов за среќа? – му велам, а мислам
Лесно би ти било тебе
Ако само на твојата надворешност се задржуваа
Ќе успееше да сокриеш
Дека ништо под неа не содржиш
Лесно ти е тебе – ми вели
(На другите секогаш им е полесно)
Ќе се снајдеш
Ти си паметна девојка
Зар некој сака да е надзборен
Или надмудрен?
Ти сигурно не
Лесно ти е тебе – ми вели
Ти си силна девојка
А јас се прашувам
Кој е тој маж што сака силна жена крај себе?
Да го потсетува не неговита ништожност
Ти сигурно не
Сакам се` да биде како што сум замислила
Во животот и во секојдневието
Се под конец до перфекција
Јас во вечна потрага по совршенството
Се лутам на себе
Ако нешто заборавам
Ако нешто погрешам
Ако на вереме не завршам
Се нервирам
Ако не се сетам каде нешто сум ставила
Ако во момент не го најдам
Ако нешто загубам
Се прекорувам
Ако повторно, со својот долг јазик
Во некоја каша, сум се ставила
Непотребно
Не можам да се задоволам со напишаното
Секогаш ме јаде некое чувство
Дека се нешто недостасува
Не дозволувам да ме бираат
Јас сум таа што избира
Дури и кога навидум изгледа поинаку
Лошо поднесувам порази
Научена сум да победувам
Мразам игнорирање на пораки
Сакам секогаш да е по мое
И никогаш нема да си простам
Што на бојата на товјот мирис
Не се сеќавм
Ме боли желудникот од овој машки свет
Не можам да ја сварам оваа помија
За шовинистички свињи
Не сум трофеј, главна награда
Моден додаток, ниту привезок
Не сум порцеланска фигура
Во твојата витрина на ниски старти
Не, јас не сум мерка за големина и машкост
Ни лек за его и еготрип
Јас сум само поет
Се смееш, знам, ме исмејуваш
Не ме разбираш
Не се ни обидуваш
Не ни очекувам
Ти само мавај посилно
Трескај со топчињата
Во ќошињата на моите мозочни келии
Удирај со рачките по разумот
Испразни го гневот,
Истроши ја темнната
Јас ќе истраам, ќе премолчам
Но се` ќе запишам
Нема да заборавам
На пола да те пресечам со зборови
Јас
Живеам за да пишувам
Пишувам за да живеаам
Живеам во погрешно време
Да се биде поет
Јас не знам каква песна денот ќе ми донесе
Будно, на нозе ја дочекувам
Но знам дека
Секој миг е благослов
А часовникот чука, не прашува
Точно е 7 часот и 0 минути
Време за будење
Уморна сум
Од луѓе, од измешани енергии
Ми треба мир
Ми недостасува тишина
Спокојството ми е луксуз
Се` некаде брзам
А постојано доцнам
Се` немам време
Од таксисти, за ситно го купувам
Веќе одамна
Никому да не припаѓам
Се извлекувам
Од вообичаените напади
Да се бојадисам црвена
Имам чудна потреба
Да кинам хартии кога сум нервозна
И навика несвесно да ги гризам усните
Необично, длабоко ме допираат
Песни во кои се отвараат прозорци
Имам вкус на црвено јаболко
Не можеш да ме пробаш
А да не те обземам
Отровно
Ти шепотам
Секој миг е благослов
Никој и ништо не ни е дадено за навек
Ни јас тебе, ни ти мене . . .
Не ме разбраш
Многу си тивка – ми велиш
Чудна сум ти,
Несвојствено за мене нели?
Зар не беше ти тој, кој еднаш ми рече
Зборовите не треба напразно да се трошат
Јас тогаш се насмевнав
И ти реков дека многу ме потсетуваш на брат ми
Пак се фатив како забегувам со мислите
Замислена сум нешто – одговорив, не погледнувајќи те
Многу си мирна – продолжуваш
Шшшшш…
Потивко! – те прекорувам
Зарем не гледаш дека ја лулкам,
Ја успивам
Страста
Што ми лежи во скутот
И не ме погледнувај така
Сигурно ќе ја разбудиш
Не скршнувам на патот
Од работа до дома
Не сакам да ме пресретне
Овој град
Накитен ко ефтина курва
За да ме потсети
Колку сум сама
Кога се е така блескаво и среќно
Насекаде се шири арома
На потрошувачка хистерија
А јас само сакам
Да ја преспијам
Да се покријам
Преку глава со ќебето
И да се убедам дека не постојам
Барам сигурно место
(Тоа е место каде што нема да те сретнам)
Таму ќе уживам во своето непостоење,
Во 4 коцки чоколадо, без вина
И гласно ќе се смеам
На мојот неуспех
Да се сетам кога последен пат
Напишав љубовна песна
Ќе можам мирно да заспијам
И кога месечината е полна
Без да ме измачува
Она непријатно претчуство
Дека нешто лошо ќе се случи
Само затоа што се` е премногу совршено
За да биде реалност
А ѓаволот – велат – ни ора ни копа
Чека предизвик
Искрен крик на восхит и среќа
За да замавне
Хармонија помеѓу половите
Во доброто лошо
Во лошото добро
Јин и Јанг
Стара древна кинеска философија
Серум во зимските ноќи
За многу години
Празниците
Пак сум уморна од празни муабети
Реков – Извини. Грешката е моја
Што немав штит, ни жива ограда
И сега стојам гола, тука, пред тебе
Не е само да ме прочиташ
Треба и да ме сватиш
Да ме почувствуваш
Два различни универзуми
Тоа сме ние. Како не видов?
Не, ти не си првиот
Кому му реков те сакам
Но си првиот
Кому му реков те мразам
Ете, ти успеа во нешто да си прв
Ти успеа да ме претвориш
Во една од тие, против кои толку се борев
А се викав ЉУБОВ
Некогаш, во некој претходен живот
Ти ме прекрсти во болка
За потем, сама, да се прекрстам во гнев
Сега некој ќе помисли
Дека омразата ми е хоби
Занимација
Во оваа банална ситуација (оваа рима беше само за тебе)
Мразам рима
За мене тоа е најниска форма на поезија
А ти ја сакаш
Тоа е доказ колку не си одговаравме
И сега ме обвинуваш
Дека сум се заљубила во гневот
Па не го пуштам
Оти така ми е поубаво, полесно
Ме грее неговата топлина
И сосем ми е супер
Само измислувам тема за драматизација
Глумам – пред која публика?
Кој е тука лудиот, а кој будалиот?
Зарем не е време да се погледнеш во огледалото?
Јас со часови стојам пред него
Ја гледам празнотијата
Како ми мафка од другата страна
Ми вели:
„Види, и тој успеаа во нешто
Успеа да те престори во сениште
Насмевни се, сега ќе засветкаат блицевите
Можеби ќе добиеш и некој аплауз
Можеби некој тоа ќе го свати како предизвик
Па ќе се обиде да ти ја вдахне душата“
Никој од нас не е бог
Никој не може да ми помогне
И никому не можам да помогнам
Секој сам треба да ја одболува својата болка
Секој e сам, свој џелад и свој месија
Прочитав многу одамна еден цитат:
Помогни си прво сам, за да ти помогне Господ*
Веднаш го запамтив, но го сватив многу подоцна
Скапо го платив тоа сознание
Сега ти ми велиш пушти го гневот и се ќе биде во ред
Ме уништи, за да ми даваш совети?
Аууу, каква великодушност
Плескајте, плескајте, плескајте
Сега воздивнете со восхит
За мудроста на величенствениот ум
Се работи за животот – ми велиш
Не, се работи само за смрт
Што зборуваш? – зачудено прашуваш
Не ме разбираш. Не прашувам. Знам
Ти веќе одамна го трошиш разбирањето на некоја друга
Ништо – велам- Зборувам во шифри,
Поезија и реплики од филмови
Поезијата не е реалност – возвраќаш – Не си тинејџерка
(Ху д фак jу тинк jу ар)
Не ми ја навредувај поезијата!
Таа е моето ново име. Кое е твоето?
Мојата поезија е пореална од твојот реален живот
Свесен ли си?
Каде одат душите на таквите како тебе?
Нема таков пекол кој ќе ве збере
Вас
Празнодушни крвопијци
Убијци на љубовта
Робови на лагите
цитат * Пиреј – Петре М. Андреевски (мојот омилен)
П.С.
Еве тука вришти мојот гнев
Ја послушав Аница
Ми рече – Маци не држи ги зборовите во себе,
Не ги потиснувај, ќе ти излезе бубуљица.
А јас не ги сакам мозолчињата
Пак се фати за мојата тишина
Како за мистерија
Или си лута или си заљубена – ми рече
Тешка загатка
Се` што сакав да му кажам
Беше …..
Но не реков ништо
Останав доследна
На молкот
Тишината нема да ме скрие
Само погледни
За тебе
Црвено ми горат усните
Се лепи сладок вкус на непцето
До виното е си велам
Ја приметувам возбудата
Во твоето адамово јаболко
И се заблагодарувам на Ева
Што и поверува на змијата
Не, не сум јас тој порок
Од кој лесно се откажува
Ме прекрши на пола
Како непотребно правило
Со отсечни удари
Силно и сигурно
Ми закова немир
Ја сакам јас таа болка
Месечина и Сонце
Ете тоа сме ние
Колку повеќе те немам
Толку повеќе те посакувам
Колку побрзо бегам
Толку побрзо му се враќам
На сознанието дека
Те сакам
Неколку пати се обидов да се скротам
Сама себе си
Не им успеало на други
Ни мене не ми успева
Нескротлив е тој извор
Блика сам по себе, не прашува
А од себе подалеку не можeме, и да сакаме
Ми се погодија чалгииве и народниве писанија
Многу искрени, лесни, вистинити
Татко ми често ја кажува онаа
Волкот го менува крзното, но не и наравот
На тебе ме потсетува
Кога те гледам како се обидуваш
Се залажуваш, дури ќе си поверуваш
A јас, во последно време
Ја љубам само вистината
И тебе
Кога ќе ми дозволи виното
Понекогаш само од инат ми чука срцето
Во палецот
Да се пишува
Да се живее
Да се љуби
Не е дилема, туку суштина
А тоа што еднаш се` изгубив
Ми дава моќ
И необична насмевка на душата
Можам се`
Штом него го преживеав
Сега нема таа сила која ќе ме скрши
Се џари празниов лист во мене
Додека се борам со нагонот да го исповратам
Исто ко што ми се џариш ти од сликата
Штом ја погледнам
Ми застанува мозокот во гркланот
И не мрда
Остануваат заглавени мислите
И повеќе не се прашувам
Како ќе беше, ако вака не беше
Ако не беше, како ќе беше
Сеедно е сега
Ние и онака се` почнавме наопачки
Како бебе обратно родено
Со газот, наместо со главата
Ја почнавме приказната од крајот
Како поткошула облечена од опачина
За да не не` фатат уроци, а изнастинавме
Молкот поубаво звучеше од зборовите
Излеговме на задната врата
Пред да влеземе во предсобјето
А и да останевме
Чија позија ќе беше погласна?
Не, ти не си ни убав, ни висок, ни незаменлив
Но има нешто неописиво
Во арогнацијата на твојот ебан еготрип
Што ми го запира здивот во ноздрите
Од што заборавам да подголтнам
Но никако не заборавам
Да го забрзам чукањето пoд градиве
Ако можеш да ми кажеш пет причини
Зошто не би биле
Јас можам тебе десет
Комплицирано е знам
А двајцата сакавме едноставност
Ти не ме чу
Јас не те сослушав
Ти не ме разбра
Јас не те протолкував
Некаде помеѓу остана да лебди едно
Те посакувам
Без одговор
А мразам неодговорени пораки
Влегува во мојата соба
Како водач на банда во свое мало
Како шериф во салун
И вели – Јас дојдов
Додека се фенирам
Со главата превртена надлу
Косата ми паѓа врз лицето
Ми се смее гласно и ми вели
Сњеже како вештерка си
Јас закачливо во му враќам – А ти каков си?
Јас сум виткан – важно ми одговара
Не можам а да не се растопам во насмевка
Штом го видам
Мали Ајнштајн, така го викам
Поради локните, плави, бушави, најубави
И поради бистрината
Во градинка го викаат
Итар Пејо, оти им е најмал, а најитар
А тој пак, ко кум, сите ги вика на име
Ако го прашате за годините
Без трепнување сигурно ќе ви каже пет
А голем толку колку да не го цуца палецот повеќе
Помеѓу горните предни заби има празно место
Како помеѓу два збора
Кога ќе се насмее личи на зајко
Кога е гладен бара супа со јогурт
Ми вели Сњеже, ти давај ми
Така е послатко
Кога му се спие, ќе се мушне во мене
Чешкај ме – ме потсетува ако запрам
Со едната рака ќе ме гушне
а другата ја сместува во мојата коса
И со кружни движења на показалецот
Вешто ми прави суканици
Не се опишува таа среќа
Ако го прашате
Што си и ти на тета?
Без двоумење ќе ви каже:
Сонце,
Што свети за никогаш да не и биде темница
И никогаш не ми е
Кога имам небо на кое светат три сонца
Едното од нив се вика
Симон
На внук ми
Наивноста беше моја боја
Кога првпат дојдов
Ми мирисаше на мастика Базока
Која потсеќа на детство
На правење на чоколадо од кал
Играјќи клекната во калта
Таа мастика ја нема во продажба
Мирисот доаѓа од средството
Што го ставаат во подвижните тоалети
Тукушто поставени
На отворено, на некој концерт
Мислев, есента е моето годишно време
Од кога дојдов, сватив колку ја сакам зимата
Сувиот студ штипе, делува многу реално
Исто како и животот
Не знаеш кога ќе те фати за гуша
Кафето е поубаво кога е врело
Кога е млако блункавоста го убива вкусот
Го помешав горкото со благо
Ми ја пресекоа мислата
Еве сеа јас ќе бладам глупости
А ти дојди и кажи ми колку не ме бива
Ако смееш
Јас ќе ти се насмеам и ќе ти речам
Во уметноста се е дозволено
Старо глупаво алиби
А впрочем го мислам спротивното
Но зарем ќе ме сватиш озбилно?
Мене
После 4 големи пива
Чадот во пивницата не доаѓа од цигарите
Туку од грешните мисли
Јас те гризнав за рамето
Tи ми рече – Одамна не си се осетил така жив
Се душнавме како кучиња
Кои сакаат да одлучат дали да се спарат
Јас ти мирисав на неостварени соништа
А ти мене на подвижен тоалет
По завршување на масовен концерт
Колку и да е голема нуждата
Не би го употребила
Ќе одам под отворено небо
Со сличаен минувач
Чии чекори немаат зук
Се разбудив
Од тапиот удар по главата
Со тавата во која ја пржам раеалноста
Ме убива
Вриштам
Јас си ја сакам продукцијата
И револуцијата
Да живее Блогот
Смрт за простодушноста

Таа улица беше мала, споредна уличка
На почетокот благо се накривуваше, како млада месечина
Од едната стана имаше исти двокатни згради
Од другата мали куќички
Некаде на средината црква
Со убава чешма во дворот
Таа уличка и не беше многу прометна
А кога снегот ќе напластеше
Остануваше непроодна
Се шетаа на средината на улицата
Тој силен како карпа
Таа убава како самовилаа
Под нивните смирени чекори
Се слушаше само крцкањето на снегот
Разговараа за секојдневни работи
Можеби, не ни разговараа
Се разбираа со погледи
Во воздухот, покрај нивната љубов
Се чуствуваше мирис на чисто, на снег, на среќа
Тој со левата рака
Ја чуваше нејзината нежна дланка
А со десната влечеше дрвена санка
На неа седнати јас и брат ми
Облечени како мали космонаути
Образите зацрвенети
Носињата над шалчињата
Смрзнуваат од ладното
Но, нам не ни студи
Топло ни е во срцата
Погледнувам нагоре
Под уличните светилки
Јасно се гледаат снегулките
Крупни, разиграни
Ме потсетуваат на рој пеперутки
Ме обзема восхит
Ги затварам очињата
Но не од страв да не ми паднат в очи
Туку од желба да го замрзнам мигот
И токму вакав да го сочувам во моите сеќавања
Бев мала, не знаев многу
Но знаев дека сум среќно дете

Ако ме познаваш
Сигурно ќе знаеш дека
Јас не сум девојка што сака свадби
И други општонародни веселби
Такви сме сите дома, фамилијарно
Осетливи на фалш музика
И лажен патриотизам
Особено тешка ми беше онаа
Каде првпат бевме јас и ти во непар
За да ја славиме љубовта на пријателите
И да се потсетиме
Што сторивме со нашата
Ти како гладен волк
Упорно се влечеше по мене
Лизгајќи се од сопствените лиги
Паѓајќи во споствените лаги
Јас упорно, умешно те избегнував
И во таа непријатна игра
На чудни енергии и бркотници
Се фатив да танцувам во круг
Со три мали, слатки девојчиња
Ме гледаа со восхит
Којзнае каква им се видов
Сигурно им ја зголемив желбата
Да пораснат побрзо
Изгледот лаже, најчесто
Една од нив, онаа најголемата
Ми рече – Многу сте убава
Јас се насмевнав. Задоволно
Што при тоа не го употреби зборот тетка
И откако им го кажав името
Следуваше прашањето – А мажена сте?
Ги погледнав трите, гледаа во мене
Со очи полни исчекување и восхит
Ако ме познаваш сигурно ќе знаеш
Јас не сум девојка што сака лаги
Но што можев да им кажам
А да не ја уништам магијата
Не, милички, разведена сум
А згодниот дечко
Со кој пред малку танцував е геј
А оној што ноќва се влече по мене
Е лажливо ѓубре што изневерува и повредува
Секогаш бегајте подалеку од такви
Волци, облечени во јагнешка кожа
Тие се најопасни, префригани
Наместо тоа реков – Да, мажена сум
Не сакав да им ги скршам стаклата на розовите очила
Ги оставив да поуживаат во свет на бајки
Принцови и принцези
Без да им кажам
Дека најчесто доаѓаат само коњите
И по некоја лигава жаба
Која не го менува изгледот
Ни по илјада бакнежи
А понекогаш, никој не ни доаѓа
Уште малку поуживав
Во нивните задоволни насмевки
И зминав пред да ми постават
Уште некое прашање
Како каде ти е бурмата
Или што си ти, на пример
Како ќе им објаснев
Дека сум плeтачка на зборови
Плетам поезија од вистини
Кои многу често не се розеви
Одамна помодреа
Седнав да одморам
Воздивнав
И во себе им посакав
Подобра среќа од мојата
И што помалку волци
И модрици од животот
Одсекогаш сум ги чувствувала солзите
Најпрво во носот
Како благо пецкање
Кое многу наликува на оние зрнца
Што како деца ги стававме на јазикот
А тие пукаат
Ги сопирам
Пред да стигнат до трепките
Исто ја чувствувам и несвестицата
Во ушите зуењето се зголемува
И преминува во фонија
Уште пред да ми се стемни
И да ме поклопи она, веќе видено
Темно небо
Се борам, наизменично
Со солзите, па со несвестицата
Некогаш и истовремено
Како црн облак се чувствувам
Само неколку светли точки
Пуштаат јажиња
До моите зглобови
Толку доволно колку
Да не ме пуштат да паднам долу
Во бездната …
Се молам да изчезне
Оваа остра, досадна, болка
Над левата слепоочница
И се молам
А таа, тврдоглава
Само се дислоцира во стомакот
Создавајќи грутка горчина
Дедо ми вели
Дај олабави се, Цветче, насмеј се
А мене, деновиве некако не ми оди
Со насмевкивте
А така лесно ми оди со солзите
Не сум јас за овој свет
За ова време
Не знам од кое небо сум паднала
Не сум за тука и не сум за сега
Тешко е времето – ми рече најсината
Не земај си се` на душа
Камења на срце не реди си
Истрај
Ја погледнав
Во нејзините очи видов небо
Се прашав – какво ли бреме носи во себе?
Не е времето тешко или лошо
Времето е, било и ќе биде, исто
Како и секогаш
До луѓето е
Тие го прават времето вакво или онакво
И возврати мојата своеглавост
А знам само сакаше да ме утеши
Од неа научив нешто многу мудро
И кога губиш добиваш, напиша во една песна
Со насмевката на своето лице успеа
Да стави насмевка на моето
***
Таа е првата од четрите светли точки
На моето темно небо
Јас повеќе сакам да ги наречам
Наречници
Поради мудроста, суштина, тежина,
Радоста и тага,
Што ја носат во себе.
Секоја сосем различна
Во суштина сите исти
Убави,
На свој начин.
***
Не е за тебе таа зелена трева
Ми рече најсјајната
Шутраци и штурци
Тоа во животот најмалку ти треба,
За такви е измачување
Да си ги трошиш
Времето, емоциите и зборовите
Знам, толку многу е во право
Посакувам да сум како неа
Смирена, преземјана, а возвишена
А не ваква
Брзоплета, понеслива, залетлива
Крени го погледот кон сонцето
Како во детската песна
И насмевни се
Ќе ти помине
***
Зависна сум од твоето добро утро
Без тоа не ми поаѓа денот
Кафето не ми е слатко
И моите долги излагања
И монолози
Битно дека имам некој
Од другата страна
Да ме сослуша, да ме смири
Да ме искара, да ме изнасмее
Ќе заминеш пак, знам
Твојот немирен дух не го држи место
Што ќе правам тогаш без твоите песни?
Кој ќе ја надополни празнината?
На моите себични, патетични бладања
Се насмеа – третата,
Скротувач на зборови со лавовско срце,
Сосем несвесна за својата величина
Што е за нас времето и просторот? – Ми рече
Важно е да сме близу со душите
Ме остави без одговор,
Знам, каде и да сме ќе се сретнеме
Во песните
***
Одолевањето било царска работа
Ме научи четвртата,
Со нежни раце и медени зборови
Те носи во други димензии
Издигни се над се,
Само така ќе успееш
Да здогледаш нови хоризонти
Не е едноставно
Но, не прави подобри
Најтешко е да се натпреваруваш сам со себе
Што ако не успеам? се јави мојот сомнеж
Трпение Бела
Сите коцки ќе се наредат на правото место
Само треба да дојде вистинското време
***
Како мачки што се герат на студот
Застанвме една до друга
Во овие невремиња
Само така ќе ја презимиме зимата …
Понекогаш се инаетам
Со зборовите, со себе си
Ги игнорирам
Не ги запишувам
А тие упорни чекаат на ред
Тропаат, викаат, блаботат
Измешани, испревртени, испреплетени
На крајот секогаш ќе попуштам
Чуството е исто
Како онаа будалеста детска игра
Кога јас си го затнував носот
И се обидувам да издржам без воздух
Додека другарка ми брои
Колку и да издржиш доаѓа мигот
Кога ти доаѓа да прснеш
Да пишуваш, да дишеш
Така и оваа песна
Ја мереше мојата издржливост
И се мешаше со другите
Како шампон три во едно
Без да знаеш кое е кое
Ни зошто
***
Заприметив дека пак си небричен
Веднаш кога влегов во колата
Кога и да те видам ваков
Ми оди да те гризнам
На десната страна на брадата
Не е фер
Да ми правиш вака
Сега кога одолевам
Страста за тебе
Ја чувам во пазувите
Само волку е доволно
Да се вознемири
Ти само се смееш
На мојата стрвност за тебе
Немав време ми велиш
Како тоа да е доволно добро
Објаснување
***
Пак се најдов
Сред муабетот
За времето и просторт
Зар се важни
И онака се измислени
За да му служат на човекот
Или се смислени за човекот да им служи ним
И еве што ако мојот роден град, не е и твој
Што ако дијалектот ни е различен
Не беа зборовите причина
Што не се разбравме
Можеби моето тело е постаро
Од твоето шест години
А твојата душа постара од мојата
За шестотини
Како и да свртиш
Разликата е голема
Колку помеѓу пивото и ракијата
На крајот
Ефектот е ист
Пак ќе сме пијани и празни
***
Се почесто
Се фаќам себе си
Како не поднесувам
Вриштење на мали деца
До годините е си велам
Преморена сум,
Од работата
Преосетлива сум
Вистината е поинаква
Ме потсетуваат
На сите мои
Неродени рожби
И уништени шанси
И сега одејќи по патот
Не можам да слушам
Како се дере
Таму некое дете
Доволно е гласно
Чукањето на песната во мене
***
Го чувствувам
Твојот здив на вратот
Позади мене си
Секогаш, на еден чекор
Растојание
Совршено, за секој пазач
Ги затворив сите врати
Готово е. Доста беше
Не оди по мене
Кога веќе
Не ме сакаше доволно
Да ме имаш до себе
Доцна е …
За се`
Потребно е да се изгубиш
За повторно да се пронајдеш
Да ги затвориш сите врати
За да можеш
Ширум
Да ги отвориш прозорците
А да не те убие
Промајата
Сигурно си ти Александра, Маја или Сања?
Не, не, не сум. Јас сум само Снежна
Но нема да згрешиш и ако ме неречеш
Цветче
Чувствувам време е
За пролетен ветер
За кокиче, што ќе го стопи мразот
Иако моето годишно време е зима
А мојата боја, зелена маслина,
Иста ко очиве
Очиве немирни
Играат ко на зејтин. Одма те приметија
Ништо не им се провлекува,
А диоптријата е голема
Толку од моето совршенството
Во гужви ме фаќат напади на паника
Усниве, усниве ги гризам од навика
Стара е, лоша е, таа е
Не ги сакам бројките
Ни оние на вагата
Ни оние во банкоматот
А ти повротно со прашењето за годините
Пробај погоди
Зошто мора се да има
Просторно и временско оправдување?
И каква врска со нас имаат бројките,
Зар ќе измериш колку ме привлекуваш?
Само посакај
И јас веднаш ќе ги свртам
Стрелките на часовникот
На која страна сакаш, не е важно
Важно е да се најде
Твојата стрелка врз мојата
И да го погодиме тајмингот
Така е убаво
Да гориме истовремено
Не, не прави фаца
Ако ти кажам дека Азра
Ми е омилен бенд
Нема да ми е гајле
Доволно сум голема
За да знам дека
За никого нема да се сменам
Умеам да склопувам лего коцки
И трансформери
Во недела навечер острам боици
Не ти се верува?
Јас знам да сварам грав
Ми се смееш
Еве ме, пак, ризикувам
Испеков колач
Без да знам дали сакаш благо
А мислам ќе ти се допадне
Што и да зготвам
Велиш луда сум
Да, знам. таа сум.
Имам мачка, си личиме во диовоста
Ти одговара?
Немој, не ставај ме
Во геометриски форми
Триаголник, четриаголник, многуаголник
Јас стварно не сакам математики
Дефиниции, рамки, ни рамковни договори
Трет чин
Отрови
И модерна верзија на Ромео и Јулија
Во Темпирана Опера
Да сакам балет и филмови
Осбено цртани
Само не помнам наслови
Помнам текстови на песни
И силно вриштам по концерти
Ретко носам обетки,
Уште поретко модни детали
Доволно ми висат на глава
Мисливе и песниве
Сакам едноставно
Бакнувај ме
Крени ме
Ќе станам лесна ко пердув
Биди ми ветер
И одреди ја брзината
И правецот на движење
И не се плаши
На почетокот или на крајот
Јас сигурно ќе те искористам
Како инспирација
Во мојата поезија
А во средината
Ќе уживам
Без зборови
…
Со воздишки
Глупава осекотина на средина на дланката
Од хартија
Не боли само пече
Потсетува колку сум несмасна
Кога ме фаќа нервоза
Со плановите
Го прекршив правилото
Ништо да не очекувам
За да не се разочарувам
Пак заборавив
Да го живеам мигот
Ако сум од град
Личам на селанка
Дождливиот град е само
Глупаво оправдување
Никако да ја исчистам калта
Од чевлите
Сонувам / или не сонувам/ не знам веќе/
Како одам по мостот
Импровизиран тротоар
Се туткам со други девојки
За да се разминам
Едни говорат нешто
На албански
Други на лош дијалект
Не ги разбирам
Ми бучи во ушите
Помислувам
Ќе се сруши ли мостов под мене
Или пак ќе умрам
Од прашината
Што ја креваат
Овие полуквалификувани работници
Ако воопшто знаат што праваат
Работат нешто
Нешто мора да се работи
Секогаш
И девојката на билбордот
Филмски убава, Француски
Со своите долги нозе
Ми го продава истото вино
Што ко тинејџери го пиевме
Под ведро небо
Во нова абалажа
Четрипати поскапо
Се прашувам
Дали се потенки од моите
Сигурно не
Можеби само подолги
И дали е среќна ?
Убавината не е гаранција за среќа
Изгледот најчесто лаже
Никогаш
Не е се како што изгледа
На дланкава
Долга е
Линијата на животот
А животот
Никогаш не знаеш
Што ќе ти донесе
Нека е добро
Ќе одам во пеколот – си реков
Резервирав и место во првите редови
Уште пред да решам што ќе облечам
И со каква сенка ќе ги иссенчам очиве
Кога прв пат те видов
Не знаев дека ќе треба да платам карта
За да те видам повторно
Ќе одам по ѓаволите – си реков
Таму, сигурно ќе те сретнам
Ти ќе го глумиш животот
Јас ќе живеам глумејќи
Ќе ракоплескаат оние
Што ништо нема да сватат
Само за да не испаднат некултурни
Те сонував. Ми веруваш ли?
Почнавме од крајот
Ти се поклони на алаузот
А јас тргнав по тебе
По вртените скали до собата
Вратата се затвори зад нас
Во тишината се гледавме немо
Ти ја стави твојата дланка на мојот образ
Сакаше да ме бакнеш
Реков – Немој, имам некој
Со прстите ми премина преку устите
Шшшшшш – прошепоте
Го имаме само мигот
„Сите, ние сме нечии љубовници“
Се препуштив на усните
Ме разбуди в мугри
За да го гледаме изгрејсонцето
Спремил плетена корпа и стаклени чаши за пикник
Се искачивме на врвот на мојот мозок
Посла карирано чаршавче,
Црвено со бело, како во филмовите
Ме бакна
И реши да остане, да одмори
На врвот на моите мисли
А јас
За малку ќе заминев по ѓаволите
Убаво ги раширив нозете
За да можеш подобро да го видиш
Центарот на светот
Влези длабоко во него
Изгасни ги
Сите пожари во мене
И ако утре дојде крајот на светот
Не се плашам
Да родам
Нови светови
Отклучи
Исклучи
Седни
Стани
Направи кафе
Горко
Благо
Со млеко или без?
Отвори
Затвори
Напиши
Искуцај
Пресметај
Договори
Понуди
Фактурирај
Барај
Извести
Испринтај
Испечатирај
Захевтај
Перфорирај
Заведи
Уплати
Исплати
Излижи
Залепи
Испрати
Однеси
Поднеси
Подигни
Донеси
Прими
Јави се
Нарачај
Резервирај
Прати маил
Атачирај
Сними
Ископирај
Документирај
Архивирај
Масирај
Дозволи да бидеш масиран
Гризи си го јазикот
Премолчи
Одбиј
Направи се дека ништо не разбираш
Провлечи го денот низ себе
И
Насмеј се,
Насмеј се,
Насмеј се,
Ма не заборавај да се насмееш
Твоето интересирање за поезијата
Застанува до тука со моето деколте
Не мислам дека е фасцинантно
Но тебе ти паѓа главата, по инерција
Те погледнувам прекорно
Можеби и ќе ти текне
Се сепнуваш на момент, па продолжуваш
Да го искажуваш своето воодушевување
И почит кон мене како самохрана мајка, поет
Па се префрлаш на комплименти
Колку сум убава, женствена и нежна
За на крајот да се задржиш на колковите
И да пробаш да ми се пикнеш под здолништето
Класика
А јас, потполно свесна за целиот процес
Гедан од перспктива на птица со соколово око
Инстант брзо градам ѕидови
Без градежни дозволи
Без процедури и дополнителни документи
„Мудрата жена знае кога да даде од прва вечер,
А кога никогаш да не даде„ – Ми рече еднаш Аница
Јас веќе одамна научив гласно да кажам НЕ
Слушаш ли?
Автобусот дојде неверојатно брзо
Стаклата му беа необично чисти за градски
Шоферот возеше вообичаено ко на трки
Знаеше дека сум нестрплива
Jас немав друга работа, си наоѓав мани
И причини зошто не би ти се допаднала
Си ја плеткав косата
Па се покајав што не ја измив
Немав време, проклета работа
Штом поминавме покрај црквата
Една девојка се прекрсти
Веднаш по неа и еден дечко
Мене тоа ми е така далечно и чудно
Како и двајцата што се бакнуваа во автобусот
Друга димензија
Јас мојата црква ја носам во себе
Се чекавме на автобуската постојка
Мене ме заскокотка стомакот од помислата
Ах,воздухот беше толку свеж
А тој преубав
Ова ќе биде убава пролет
Си помислив и вдишав длабоко
Ме фати за раката
И одевме така, по улицат до зградата
Мислам не знаеше
Колку интимен е тој момент, за мене
Треперев
Па мојата возбуденост ја прикрив
Со смисла за хумор и насмевки
Потем заборавив на маните и мрсната коса
Ја потопивме ноќта во црвено вино
Па ја успавме
Јас се предадов заедно со неа
Убаво било да се предадеш
Колку само било убаво
Да се живее, така едноставно
Ќе запалам свеќа
За пролетта
И ќе се заблагодарам
За пијаните ноќи
И за сета оваа среќа
Што ако песните секнат како млеко на доилка?
Што ако не остане ништо за утре?
За денес?
Што ако?
Се гушам,
Се мачам,
Ко црн ѓавол се мачам
Ко родилка со задоцнета рожба
Никогаш не е доволно добро
Некогаш не е ни само доволно
Најтешко е да се задоволиш
Самиот себе си
Секогаш нешто фали
Секогаш треба уште
Повеќе
Појако
Посилно
Уште колку?
Мислев дека се` е до љубовта
А тоа се`да ти било до …
Дизбалансот на хормоните
Ќе ме смириш ли?
Или со секое следно видување
Ќе го зголемуваш влогот во моите посакувања
Расте немирот,
Па посакај мир
Но не заборавај да направиш огномети
Сакам кога гори копнежот
Црвени зеници
И дилеми
Параноја или хармонија меѓу половите
Нивото е ниско pод нулата
Нулата тркалезна како обрач ме стега за грлото
Тeсно ми е
Градот е премал за да се нарече метропола
А го викаме, oти нема кој друг
Тука големо е само малограѓанството и предрасудите
Две корпи веш за перење
На едната налепница – Бели, на другата – Црни
Те фрлаат во корпата по боја
Без да видат каков си навистина, во суштина
Многу површно, но тоа е
Пред да трепнеш веќе ти залепипе етикета на челото
На моето пишува разведена
Аууууу, страшно, па зарем е можно
Добра личност да биде разведена?
Разведена, па уште и мајка
Tаква дрскост е да умреш, а не па да живееш
Ни случајно не размислувај многу
Фрлај во корпата – Црни
И пушти машина на евтина струја
Можеби ќе те испере
Во животот тестовите не се секој пат
На хартија, во пишана форма
Но на крајот пак се`е црно на бело, никогаш сиво
Една бубашваба во вц-то бега испаничено
Немам сила да ја треснам
Уморна сум, а и жал ми е
Не е она крива што е бубашваба
Ја разбирам. Знам како и е да се биде смачкана на подот
Вкус на хлор во водта, гадна е, ама ја пијам
Во Чаир е најубава оти сум дома
Немам намера пак да се селам
Пак се улавам, ги чекам липите да расцветаат
Па тогаш да ве видам дали некој ќе успее
Да ми ги стркала солзите по образиве, тркалезни
А таман си помислив дека дојде пролет
Не, не требаше на глас да кажам дека сум среќна
Требаше да си го подкаснам јазикот
И да поплукам три пати
Да фрлам сол или други сличнина нив пагански обичаи
Може ќе помогнеше против уроци и простотилак
А можеби … Можеби е прекасно за мене???
Подобро порано, отколку покасно
Прекасно или никогаш
Вечерта беше исполнета со задоволство
И безброј морници по грбот
На големи количини храна
Секогаш реагирам со гадење
Никогаш не јадам на коктели
Но сакам, кружно да цилкулирам помеѓу луѓето
Да разговарам за уметноста и да се смеам
Почувствував во воздухот
Законот на привлекување
Фукционира совршено
Кога сме јас и ти во прашање
Со очите ми го пораби работ на фустанот
Црн
Ни шлицот не го заборави
Забележав како полека несигурноста
Ти се испишува по цртите на лицето
Во гестовите
И твојата вербална неелоквентност
Како и обично тресеш зелени
Секогаш кога не знаеш
Како да ми пристапиш, а посакуваш
Ме праша зошто заминувам толку рано
Потоа направи неколку несмасни шеги
На сметка на позијата
Не беше смешно туку провидно
Се гледаше желбата
Ноќта да ја минеш со мене
Како некогаш
Мирисаше на сеќавања
Горда на одолевањето
Свесна и трезна се покрив
Со сонот за нови хоризонти и слобода
Надвор повторно врне
Веќе се чувствувам како да живеам во Лондон
Никако не можам да се освестам
И додека си го подготвувам второто кафе
Помислувам на тебе
Колку ќе беше убаво да си тука
Ти сигурно ќе ме расонеше, со некоја твоја шега
А јас не ќе успеев да одолеам, да не се насмеам
Наместо тоа црни и бели светови матам
И добивам блага кремаста пена од досада
Се инаети времето како и обично
Ми ја докажува теоријата на релативитетот
Пребрзо поминува, па стои во место
Кога те нема
А јас како и обично одбивам
Да бидам класифицирана во возразната група „стари“
Играм, на истата група, во истата сала
Исто, како и пред 15 години
Штиклите се повисоки, шминката појака
Но јас, јас сум Истата онаа, улава, мала, црвена, дива
Узо ми го гали грлото
И знам дека сум пијана,
Кога ќе почнат да ми трнат забите
Тогаш се држам за гелендерот
Додека слегувам по скалите
За да не направам циркус
Се опуштам на музиката
И сфаќам колку малку е потребно да сме среќни
А потем, пред заспивање
Умешно те кријам помеѓу ножните прсти
За да не си признаам колку ми фалиш
И облекувам дебели фротирни чорапи
Да не ми студи
*****
Ги затворам очите
И замислувам како се печам на некоја песочна плажа
Ах сонце, море и чисто ведро небо
Полека се опуштам
Почнувам да ги чуствувам сите очи
Вперени врз моите стапала
На нив испишано твоето име со модро мастило
Ме фаќа паника и почнувам да трчам
Одеднаш се наоѓам на раскрсница
По кој пат и да тргнам
Оставам траги од стапалки со твоето име
И небото полека добива модра боја
Почнува да врне
Се` посилно и посилно
Сакам да побегнам
Невидливи окови и синџири
На зглобовите
Ми стави
Кога ми рече – Слободна си, замини
Како да знаеше
Јас немам каде да одам
*****
Ги кренав зимските алишта
И уредно ги наредив летните
Како добра мантра со која ќе го повикам летото
Не ми успеа
Надвор сеуште врне
На масата една шоља врело, црно, кафе
А мене ми тежи, тоа, непишувањето
И не пишувам
Зошто што и да напишам е лигаво, тинејџерски љубовно
Тоа ми пречи, кога сакам да сум хард кор, јака
А не сум
Да пишував на хартија корпата сигурно ќе беше полна
Курите тие дрвја
Вака е почисто
Мислам на доброто на природата
И електронски полнам имагинарна корпа
Имагинарна исто колку и ние
Јас и ти во пар
А можевме, колку само можевме
Воздивнувам
Надвор сеуште врне
Шоља кафе на масата
Наполу празна
*****
Темната страна од филџанот со кафе
Секогаш е моја
Затоа и не го превртувам
Однапред знам што стои
Но, ритуалот со кафето, најчесто помага
Некогаш, помага алкохолот
Некогаш ништо не помага
Тогаш се вкусни само живците, крај ноктите и усните
Ги гризам, упорно
Ме чеша стомакот околу папокот, одвнатре
Кога ме фаќа некое језиво чувство на нетрпеливост
Сакам нешто да се случи одма,
Сега, веднаш
Се` да се реши
Очајно ми треба драматуршки расплет
Драматична филмска сцена
Дождот е совршен за тоа
Тогаш се прекорувам дека многу гледам
Холивудски љубовни драми
Ништо не се случува
Надвор сеуште врне
А требаше да биде убава пролет
Немам ништо во песните
Што не поминало низ ноќите, утрата и деновите
Истрошени,
Ипреплетени,
Исплетени,
Како џемпер со бескрајно долги ракави
Ја загубив острината, забележливо
Разблажена е острицата
Отапена од животот
Немам поента, ниту цел
Немам порака што сакам да ви ја пренесам
Ни мудрост со која можам да ве просветлам
Немам што да кажам
Можам само нешто да ви раскажам
Додека видливо ја менувам формата
Од поезија во проза
Чувствувам дека стареам
Jа губам мелодичноста
Еластичноста,
Мистичноста,
Поетичноста,
Возбудата останува недостижна
А јас рамнодушна на се`
Веќе видено, ебано чувство на де жа ву
Повеќе случки кријам во соништата отколку во јавето
Но сепак бурно ја чувам драмата
Како храна за мене гладна
На врвот на јазикот врзан чвор oд зборови
Обесени како ѕвонци и прапорци
Висат
Ѕвонат, ѕвонат…
Како ехо во празен бунар
Ништо не излегува
Пеперутка која се враќа назад во својата кожурката
Намосто да го следи инстинктот на слобоада
Никогаш немаше да ти ветам
Дека нема да се вљубам во тебе
Да знаев дека не ќе можам
Да го исполам ветувањето
Мислев дека сум јака
Таква и ти се прикажував
Со времето испукав по рабовите
Натежнав од сакањето
А сакав премногу за да ми се исполни
Не можам ништо да променам
Затоа ќе си дозволам барем малку да уживам
За промена ќе ја накривам капата и ќе си свиркам
Со инает инаетот нема да го избијам
Но, пак ќе си ја навртам водата на својата воденица
Зарем не гледаш?
Сеуште кинам парчиња украдени туѓи неба
И правам едно наше
Премногу сме близу за да можеш да ме видиш
Дистанцата е неопходна
Патот до сознанието е тежок
Кога бегаме еден од друг
Како да бегаме од себе самите
Пак се фаќаме
Вклештени еден во друг
Длабоко во ноќта
Ние сме си порок
Зависноста е заебана работа
На дното на чинијата
Последните цреши секогаш се црвливи
Нема да се залажам
Повторно ќе заглавам на тебе
Желбата по тебе е зрела
Како лубеница која пука на пола
По првиот убод на ножот
И ги ослободува своите мириси
Сочно,
Бесрамно,
Црвенее мојата љубов
И небото крвари
А животот, животот избира необични начини
Да се пошегува со нас
Иронично,
Подсмевливо,
Ти не почитуваш Поезија
А сите мои песни се непишани за тебе
Чудно
Задоцнет мај на крајот на јуни
Се сеќавам и тогаш
Летото имаше вкус на зрел сон
Цреши и црно чоколадо
Бевме деца
Кога одевме по семки
Само за нашето шетање да има цел
Која може да се купу
Со неколку метални парички
Седење на клупи
И бескрајни разговори полни надеж
Долги попладниња
До недоглед развлечено време
Летен распуст
Сега одиме од бар во бар
За да ја загасиме жедта
Жегата
Пустините во срцата
Градот е безобразно тесен
И предвидлив
Лицата се повторуваат
Како бројки во шпил карти
Напразно ја трошиме ноќта
Се трошиме
Барајќи малку радост
За џабе
Џабе
Имам два почетоци
Ниту еден крај
Ниту еден
Јас сум Мајка
Матица која секогаш се грижи за своите чеда
Лавица која будно бдее
И несебично дава парче од себе
Ми ја менуваш перспективата
Ми даваш
Ми ја менуваш позицијата
Збунето те гледам
Не верувам во игри на среќа
Но верувам во чуда
Ништо не е случајно
Колку случајно и да изгледа
Се` си има свое
И кога за нас е неразбирливо
Бог не греши
Секогаш има повискоа цел
Дури и кога нам ни изгледа не фер
Подоцна ни ги открива своите намери
Потребно е да се издигнеш над се`
За да ја видиш целата слика
Не, никој не рече дека ќе ни биде лесно
Секој има свој пат,
Свои лекции што треба да ги научи
Битно е да не го изгубиме правиот пат
Битно е да не се изгубиме себе си
И своето место под ова небо
Не терба да ти се кажам за да ме познаваш
Не треба да ме соблечеш за да ме разголиш
Со леснотија ми ја гледаш суштината
Без да се обидувам да ти се прикажам
Едноставно е кога е вистинито
Еден проблем има повеќе можни решенија
Ми говори
Секој има право на избор
Но секој сам ги сноси последиците од своите избори
Не, не е љубовта тоа што сега го барам
Навикнав да бидам сама
Се соочив веќе со тој страв
Си ја сакам слободата
Мирот е тоа што го барам
Како плевел расте во мене немирот
(Го слушам во себе мојот стар стих, си постои)
Расте и сомнежот
Премногу е добро за да биде вистинито
Премногу ти се допаѓа
Тоа секогаш носи невоља
Треба да побегнеш – ми шепоти – Три чекора наназад
Безуспешно е
Кога се ме влече кон него
Ме смирува
Ме успокојува
Ме успива
Со трепки извиткани од желба
Ме допира,
Длабоко,
Остава трага
Посакувам долго да го чувам во себе
Во ова (не)време на изгубени вредности и разврат
Ми буди надеж, одамна загубена
Заспивам со насмевка на усните
Како дете надоено со љубов
Врела крв протечена низ вените како трепет
По она старо, во неповрат изгубено време
Што стои во место како изморен стражар
Одамна не било вака живо (се насмевнувам)
Ја слушаш ли?
Жубори, се бранува, бунтува, мирната река
Ги напушта сите шушкања, премолчувања, претрпувања
Во еден тек се спојуваат сите поточиња
Гласот станува појасен, посилен
Ја гледаш ли?
Секоја носи своја свежина
Свој мирис
Своја капка од виножитото
Златеста, зелена, сина, крв црвена, сребрнесто бела
Препознатлива
Моќна
Ја чувствуваш ли?
Живата вода
Прочистува,
Продуховува,
Ослободува,
Се кристали
Под сјајот на полната месечина
Носи заспани радости
Не ме изненади
Во себе одамна знаев, претчувствував
Само сакав да верувам дека можеби е поинаку
Не ме вознемири,
Можеби малку ме растажи
А и жално е, да ги видиш луѓето,
Толку површни, далечни и празни
Давам шанса на сите
Не судам по ликот
Некогаш лошото умее да се скрие
Зад убаво лице како зад маска
Не судам ни по зборот
Секој може се` да ти каже
Судам по делата
Кога тогаш ќе си ги покажат роговите
Секогаш сум, во право со интуицијата
Дури и кога сакам да не сум
Тогаш знам на кому кај му е местото
Веднаш простувам, не држам во себе
Силно воздивнувам
Како глуварче да одлетаат, што подалеку од мене
Зошто ти се 1000 пријатели, ако се лажни?
Тогаш се присетувам на омилениот
Хераклит Темниот од Ефес
„И еден ми е доволен, ако тој еден е најдобар“
Се насмевнувам
Многу му ја сакам филозофијата
Секогаш со истиот восхит
Ми ја бранува душата
Блогот мртов денес
Проверувам неколку пати
Отварам – Ништо
Отварам – Ништо
Отварам -Пак ништо
Ме фати паника за песните
Ќе ни се изгубат,
Ништо не ќе ни остане
Се во неповрат, по ѓаволите, ќе ни отиде
Кај моите, па и на Аница,
А што сме ние без песните?
И ете така, ме фати напад на паника
Што ако блогот не се крене ?
Бројам во себе колку песни наназад не сум сочувала
А помислив, пред два дена помислив,
Кога се враќав дома од работа
Ама немав време,
Си реков – ај утре ќе ги префрлам, ќе имам повеќе време
Се е туѓото побитно,
Ние сами на себе последни
Мораме да ги имаме песните
На хартија
Мораме, да се имаме себе си
Да ги чувам в чантата
Со убави корици
Со посвета
Ако ме фати јанѕа, да ми се тука при рака
Да ме смират,
Грешиме,
Грешни, грешки правиме
Не сме цели, Ние, без песните
Ги средив играчките
Во првата фиока – колички и хелихоптери,
Во втората – животни и змејови,
Третата – супер херои и оружје,
Четвртата – друштвени игри и пластелин.
И така некако чудно ми е се`, чудно
Немам подочњаци,
Лицето ми е свежо,
Наспана сум, одморена,
Полна живот, енергија, сила.
Бев и на пазар
Купив еден куп ситници,
За кои не сум имала време.
И нови обетки, за среќа,
Голрми, кружни, со пеперутки.
Си купив и две книги, за на плажа.
Едната за поетскиот боемски живот на Буковски,
А другата за љубовта.
Пишува – траела три години,
И после умирала. И бараш нова љубов. И уште љубов.
Љубов никогаш доволно…
Или само додека не ја пронајдеш онаа правата, за тебе создадена,
Ако воопшто постои таква.
Убаво е човек да верува.
Одбирам да верувам.
Ме сопре една циганка, гатачка
Ми рече – девојче многу ќе се радуваш ова лето, ќе треба да частиш
Ја одбегнав.
Секогаш се плашам од жени до чудни енергии.
Алиштата ги исправ на раце.
Ги пружив. Веднаш се исушија.
Ги спакував куферите.
Калин три пати ме препраша – дали ќе го понесеме лаптопот?
На крај се испазаривме за гембојот, монополот, картите
И неколку играчки.
Ноќта спиев немирно.
Се чешав. Многу се чешав.
Ме испокасле комарците.
И скоро сум сигурна дека те сонував.
Кога се разбудив осетив,
Ми излегол херпес од небакнување.
Си помислив - Времето е таман за одмор.
Довидување
Се всели сосема ладнокрвно не обзирајќи се на знакот “зафатено“
Патиките ги соблече дури во дневната,
Откако седна во фотељата
И ги крена нозете на масичето.
Го зема далечинското и почна да ги менува каналите
Како да е тука одсекогаш.
Постепено почна да приметува дека тука веќе живее некој.
Прв пат се сретнаа пред вецето
И обајцата имаа навика наутро долго да се задржуваат во тоалетот
Потоа научија да се избегнуваат, умешно
Додека едниот спиеше во спалната,
Другиот се излежуваше во дневната и обратно
Највеќе се туркаа во кујната
Кога ќе ги фатеше глад
Истовремено
Тогаш се буткаа со роговите
Никој не отстапуваше
На крајот оставаа невиден хаос и неред , по нив,
Со денови да чистиш и да миеш тенџериња
И пак да не можеш да исчистиш
Понекогаш се надгласуваа со музиките,
Понекогаш заминуваа некаде за викнед,
Истовремено
Секој на своја страна
И зад себе оставаа неподнослива тишина
Тогаш потонував во мислите
И се чудев на себе самата
Или ми е пустина или турканица во срцево
Секогаш се враќаа
Зарем мислите да живеете како цимери?
Дојде токму во моментот кога си реков
Од ова повеќе не може да се љуби
Само за да ми го докаже спротивното
Конфликтот е тука
Некаде во левата предкомора
Ми стави невиден товар
Кога ми побара да ти напишам песна
Која ќе ги надмине сите досеганши
А ме остави без зборови
Со подзината уста
Зарем не знаеш
Јас не умеам да пишувам по нарачка
Се што ќе запишам, се ќе избришам
Ништо не е достојно за тебе
Само погледни
Сите мои љубови, големи и мали
Се ништат, тука, пред твоите нозе
И се слеваат во бесмисленост
Ме фаќа паника
Кога гледам дека не успевам
Да најдам начин да влезам во тебе
Ни врата, ни прозорец, ни таен премин
Ништо не наоѓам
Ниедна допирна точка
Тогаш погледнувам во часовникот
Ги затворам очите
И те замислувам во сосем нормални, конкретни ситуации
Што би можел правиш во одреден дел од денот
Дали спиеш, дали се будиш си, го миеш лицето,
Си подготвуваш доручек
Тоа ме смирува
Ми дава чувство на реалност
Иако сите твои движења се одвиваат во мене
Од палците на нозете до врвот на главата
Не можам ништо да ти ветам
Наместо тоа
Ти ги подарувам сите мои бесони ноќи
Длабоко во ноќта во мене зачни песна
Ќе ја носам како рожба
Да за`рти , да расте, да зрее
Па можеби еден убав ден
Ќе ја напишам мојата најубава љубовна песна
Само за тебе
Надоаѓам како плима
Во уредно концентрични циклуси
Растам
Наликувам на Божицата Мајка
Округла,
Топла,
Натежната од плодноста
Сочна како праска на крајот на август
Зрела како полна месечина
Која чека да биде изедена
За да стене нечија половина
Го носам твоето име на врвот на усните
Запишано
Не заборавајќи на него ниту еден миг од денот,
Од сонот и полусонот
Повторувајќи го несвесно
Како молитва која доаѓа од внатре
Исконски
Вистински
Го носам твоето име на врвот на јазикот
Како што се носи името на татковината
Она исто име, што секој сака да ни го одземе
Но никој не може
Зошто е запишано во зениците
Под ноктите на прстите
Врежано
Во генетскиот код
Под кожата
Во крвта
Црвена и врела
Иста, како и мојата љубов
Те носам во себе како тајна
Која се пренесува преку генерации
Од мајка на ќерка
Без да заборавам
Која сум?
Од каде сум?
И кому припаѓам?
Те носам во себе
Како жена во која чукаат две срца
Како родилка што носи рожба
Која се превртува во утробата
И се подготвува да ја види светлината на денот
Правејќи отисок на внатрешната страна на стомакот
Како да се спрема да стапне на ова парче земја
Под ова наше небо
Под ова наше сонце
Спремна да зачекори во свет
Кој ние ќе го создадеме
За неа
Ќе бидам искрена со тебе
Поинаква со тебе не би ни можела да бидам
Кога прв пат те видов, беше трепет
Како ѓњурење во ладна вода, сред топол јулски ден
Како враќање дома,
Од долго скитање по сите страни на светот
Како тазе испечен леб, кој те храни со мирисот
Уште пред да го принесеш до усните
Како вино што опива уште додека е шира
Ќе бидам искрена со тебе
Поинаква со тебе не би ни можела да бидам
Не беа стрелите на купидон, тие, што ме погодија тогаш
Нож беше, ладен, што ме пресече на пола
Како да им беше малку тоа што без тебе веќе сум пола
Како да им требаше уште да ме ситнат,
Да ме толчат,
Да ме ништат.
Ќе бидам искрена со себе
По инаква со себе не би ни можела да бидам
Песните што ги напишав,
Останаа расфрлани поподот
Никогаш не беа доволни,
За во нив да го пронајдам мирот
Но се доволни
Во секоја од нив да те пронајдам
Тебе
Љубов моја
„Нема убави и не убави песни, има само полни и празни“ – А.Б.
Кажи кој ќе им суди на песните?
Оние напишаните
И оние избришаните
Оние изживеаните
И оние отсонуваните
Оние преспиените,
Кои со ноќта се борат,
За светлото на денот да го осветлат
***
Оние исмејаните
И оние исплаканиете
Со врвовите на прстите подарени
Од пети вадени,
Во грклан заглавени
Од душа откорнувани,
Во денот проткајаувани
***
Оние позајмените
Од погледи на случајни минувачи
Украдените
Од обични разговори, инспирирани
Без дозвола цитирани
***
Оние полните
И оние празните
Заборавените
Со секое отчукување на срцето,
Посветените
***
Оние кои доаѓаат како проклетство,
За да бидат наш благослов
Без кои не сакаш и да можеш
Без кои сакаш, а не можеш
Оние кои те ослободуваат,
За нивен роб да те направат
***
Кажи ми кој, кој ќе им суди на песните?
Како принцеза на зрно грашок
Немирно спиев
Се разбудив со болка во грбот
Под душекот заглавен збор
Штрчи
„ Не (Сме) оставале и поголеме љубови и сме преживеале. Ќе преживееме и сега“ – А.Б.
Се накотија сомнежите ко зајци во ноќта
Па се скотвија
Стравовите заразни, како инфекции се шират
Зујат, како рој пчели
Ме бодат по нозете, утробата и мозокот
Вриштам во себе. Никој да не чуе
Врисок најтивок. Бесшумен
А некогаш бев бестрашна
Како дете кое со восхит, залетано се спушта по лизгалката
Без да мисли на болката од падот
Одново и одново
И секогаш со се` поголем восхит
Сега не знам дали ми е повеќе чудно или смешно
Што не сум веќе таа, ни бестрашна, ни мала
Што одеше по лимот
На надворешната страна на балконот
На вториот кат
Што ја заглави главата во влезот
Помеѓу шипките под гелендерот
Излегоа сите комшии да ме вадат
Кој ќе ме извлече сега?
Кога стравот во мене демне
Во најтемните одаи ме довикува
Темнината е примамлива
Јас и онака знам, по инерција да се завијам во црно
Импулсивно
Опсесивно
Компулсивно
Сите тие љубови не оштетуваат
Ќе преживееме
Но нема да останеме исти
****
Посветено на
Гоческа, Ернестине, Аурора, Симплгрл и Медено
можеш ли да се наречеш канибал, ако се јадеш самиот себе си?
Биди нежна со себе
Секогаш
Кога го земаш ножот од фиоката
Благо се засекуваш
И правиш необични резби
Под кожата
Биди нежна со себе
Секогаш
Кога се обидуваш да заборавиш
Ја вадиш љубовта од себе
Ги полниш куферите
И заминуваш
Но таа не те напушта
Биди нежна со себе
Секогаш
Кога ја бојадисуваш косата
Со некоја туѓа, непозната боја
Биди нежна со себе
Секогаш
Кога избираш да го љубиш
Оној
Кој не ти е суден
Ни за навек благословен
Биди нежна со себе
Секогаш
Кога палиш три свеќи
Една за него
Една за себе
И една за љубовта
Станување рано во сабота
И излегување по ладното, надвор
Би го нарушило мојот ритуал со кафето
Одбивам
Се префрлам од креветот на каучот
Од каучот на фотељата, како мачка
Ги сакам саботните утра, такви, пријатни и спори
И не би ги заменила за ништо
Соништата не ги ставам на привезок
И не ми треба магнет од Венеција
Зошто немам кому да оставам
Љубовни пораки на фрижидерот
Кој и онака ретко го отварам
Само во денови кога не се јадам себе си
И стојам што подалеку од кујната
За полесно да им одолеам на оние наапади
Да ти зготвам нешто
Зошто знам дека пак ќе направам две торти
Една од чоколадо и една од банана
Само затоа што не можам да се одлучам
Кој вкус би ти се допаднал повеќе
Ти пак заминат на којзнае која планина
А мене, мене ми е потребно Нешто
што може да се вкуси. Реално
Тогаш ги облекувам омилените пижами
Оние со овчички и ѕвездички
И од мене постариот, кафен џемпер од татко ми
И се враќам во креветот, иако сеуште не е ноќ
За да се присетам колку ја сакам зимата
Само поради нежноста на ќебето
И се` што ќе си дозволам е
Експериментирање со нотите
Тогаш размислувам во позија
На јазик познат за малкумина
Во кој се слуша одбројувањето на камбаните
Онаму каде љубовта мириса на темјан
И се` потсетува на тебе
Кога сите ми велат да те заборавам
Тебе, го рушиш сиот мој ментален след
И му се смееш на рационалното
Оти треба прво да те запознаам, за да те заљубам
Да те имам, за да ми недостасуваш
Додека мислите ми црвенеат како косата
Усните ми испукаа од желба
Колку и да сака, ако сака само еден
малку е
Во овој бескраен универзум се мешаат безброј бои
Ги одбирам сите нијанси на сино
Кои живеат во твоите очи
Посини од најсиното небо
Подлабоки од најдлабоките води
***
Во денови како овој
Не можам да ја поднесам љубовта
Ми тежи секој следен чекор
Под товарот на сакањето
Грбот се подвиткува,
Брчките се појавуваат
Модрите подочњаци се истакнуваат
Посакувам да ја поделиме по пола
Како полни кеси летен пазар
Како вкусна ужинка
Помеѓу два пара детски рачиња
Зошто само поделена
Е слатка
Па да го исправам грбот
И да ги искрцкам старите коски љубовни
Да ги размрдам ножните прсти заспани
И да ја протресам есента од трепките
За да паднат сите црни мисли
Патот пред мене е прав
Не го кревам погледот од него
Не сакам да ги видам
Паровите што се бакнуваат сред жолтите лисја во паркот
И сите тие светлобради мажи
Што така дрско чекорат по улиците
За да ми покажат дека единствено нешто
Потажно
Од тоа што сум без тебе
Е да бидам со некој што потсетуваа на тебе
Неспоредливо
Незаменлива е неповторливоста твоја
Ги затворам очите и те замислувам
Твојата несовршеност
Совршено одговара со мојата, помислувам
И се насмевнувам
***
Ни сивото не е повеќе сиво
Ако знаеш да погледнеш
Кога ќе ги затвориш очите
Како волнено клопче се одмотува пред мене
вистината
(Посакувам да научам да плетам
Да сплетам
Песни полни топли вистини
да ти(ни) ја згреат душата)
Што е вистина, а што е невистина?
Сега веќе не знам
Дали видов тоа што сакав да видам
Или видов тоа што ти сакаше да видам
Ја одврзав машната
Ја скинав хартијата
Го отворив подарокот,
Пакетот – Пандорина кутија
Што излезе од неа
Не може да се врати назад
Сакал – нејкел
Ќе не промени
Нема да не остави исти
Ќе не раздели
Или ќе не направи поблиски
Виситната
Не може да се скрие
Кога веќе еднаш ќе се открие
Радоста во мене е жива
И не можам,
Не можам да бидам тажна
I’m sorry, but I can’t feel sorry for you
Во корпата за отпадоци те фрлив
Искинат и стуткан
По моите безброј, безуспешни обиди
Од тебе да создадам песна
Моите го изнеле ѓубрето надвор
Ѓубреџиите минале, рано пред зори
Пред да се разбудам
Некој мораше да го ичисти нередот
Комунална или Ментална Хигиена
Извини, Драги,
Неизбежно беше
… Ова се модерни времиња
Кога ни зимата не е снежна
Како што беше, кога бевме деца
Кога беше потребно толку малку
За среќа,
За насмевки,
За радости
Како едно спуштање со санките
Од ридот
Онаму горе, кај калето
Кога е поважна амбалажата, од содржината
Површината, наместо суштината
Маската, наместо ликот
Насмевките се наместени
Фотографиите позирани
Пријателствата одглумени
Чуствата изумени
Кога не знаеме на што мирисаат
Љубовните писма
Затоа што љубовта заминува
Пред да и` го почувствуваш мирисот
А писма веќе никој не пишува
Ниту пак ги праќа по пошта
Кој има трпение за чекање, толку долго?
Ова се модерни времиња
Кога се сака се`
Одма, сега, веднаш
Кога сексот е пред и над интимата
А еротичноста е романтизам
Кога држењето за рака е луксуз
Кој не можеш да си го дозволиш
А моногамијата сулудост
На која не ни помислуваш
Кога турско кафе се прави само дома
Дома, кај што се заклучуваме
Минимум со две брави
За да се чувствуваме сигурни
И прво прашуваме кој е
Ако некој тропне непоканет
И задолжително ѕирнуваме низ шпиунката
Дури и кога не ѕвонат кај нас
Туку кај комшиите
Ова се модерни невремиња
За кои многу често велам
Не сум створена
Туку за некое друго
Минато или идно
Во кое се дише поезија
Во кое се живее
За моментот
Во кој ги затвораш очите
И го вдишуваш мирисот на љубовта
Надевајќи се дека само така ќе ја откриеш
Тајната на животот
Посветено
На инспирацијата
Поубава си кога се смееш
Ми рече бришејќи ми ја солзата со палецот
Цртајќи нови контури на облаците
Златести
Кога зад нив ќе засјае сонцето
Зад секој облак има по едно сонце
Ми рече гушкајќи ме цврсто
Твоето небо има безброј сонца
А мене и тоа едното ми е украдено
Твоите очи се зелена ливада
Насмеј се, да расцветаат
ми рече кога во нив засади виножито
На крајот на виножитото
Има ќуп полн со песни
Пронајди го!
Доволно е само да ја треснеш вратата
И да го оделиш твојот свет од мојот
Нема да успееш да ме допреш
Јас знам со каква нијанса да го обојам денот
За да не е досаден, ни налик на претходниот
Разноликоста те плаши… Удобно е она што е познато
Што ќе добиеш ако докажеш дека грешам
Трофеј или медал за храброст?
Не можеш да ме убедиш да гледам со твоите очи
Имам јас свои, и убави се, зелени
Не знам зошто толку те вознемирува
Тоа што не сум како тебе
Зар не треба најпрво секој да е свој?
Поинаквоста те плаши… Те потсетува на она што си?
Се обидувам да ти укажам
Мојот избор не мора да биде и твој
За да го почитуваш
Како што јас го почитувам твојот
Иако не е и мој
Па се откажувам
Енергијата да ја трошам напразно
Нема да сватиш додека не почувствуваш
Одолевањето ослободува
Нови хоризонти се отвараат
Само пред оној
Кој е спремен да ги види
Јас и ти
Го изгубивме нашето ние
Одамна
Помина мигот
Еве веќе
Три години
Можеби
Секна изворот
Жив
Како секната чешмичка во паркот
Нема со што да те напои
И нема што да те накваси
Во моите очи нема вода
Повеќе
И кога некоја искра
Светлина
Ќе те потсети на мене
Додека ја истиснуваш
Од краевите на нејзините очи
Ќе познаеш
Се што правиме, правиме
За да се залажеме
А всушност само пресликуваме
Сенки од сенките
А среќа
Никаде
Денот мирисаше на забна ординација
Напнатоста беше константна
Реалноста упорно ми зуеше во ушите
Крв
Ми потече од носот
Кога ја почувствував калта до брадта
Предновогодишно
Сиот тој бетон
Ми го пие руменилото од образите
Не знаев
Досега
Не сватив
Гулабите се камелеони на асфалтот
Во овој град со сиво небо,
Сиви улици,
Сиви лица,
Сиви срца…
***
Ноќта мирсаше на ѓумбир,
Ѓумбир и џинџуле
Насмевките ја истиснаа напнатоста
Полека
Музика го завзема нејзиното место
Во вените
Крв
И
Сеќавања
На некои стари љубови
Ниедна права
Мислев на тебе
Немав храброст да ти се јавам
Сфатив луда сум
Кога ме опфати силна желба
Да се затвораам во тоалетот
За да пишувам
Додека сите “нормални“ се журкааат
Одолеав
Само поради неподносливата смрдеа во вц-то
Предновогодишно
Се прашав сама во себе
Ќе се сеќаваме ли на вкусот
Кога еден ден ќе не нема?
И отпив една голтка од виното
Тука бучавате е голема
И џабе се напрегаме да се слушнеме
Јас би отишла на некое место, потивко
Каде може да се чуе и тишината
Би можеле да си зборуваме баналности
Би можеле и ништо да не си кажеме
Или да си кажеме се`
И со денови да не те видам, потем
А ти да не престанеш да се плеткаш
Околу мене
Јас, пак, несмасна
Се препнувам од тебе
И пред мене и зад мене да си
Постојано
А најпосакуван во мене
И така одсекогаш
И да се исплачам убаво
На некој филм
Или серија
Но никогаш за мене
Не плачам
За себе сум јака
И одговорна
Свесна
И пијана и трезна
И на сон
И на јаве
Кога ќе ми зафалиш
А те немам
А колку само сакам да те видам
Да ги нахранам очите
Да те гушнам
Да се смирам
Да ти видам една насмевка
Среќна
Што ме гледаш
И кога се приближуваш
Кон мене
На секој твој чекор
Се враќам
За една година наназад
И токму кога ќе застанеш
Пред мене
Тука сум, некаде
На 13 ипол
И се разлевам во насмевка
По подот
До вратата
По скалите надолу
И истекувам
Истекувам
Во долги интервали
Исчекување
Кому му е потребен сиот тој театар?
Во овој свет
Со ионака премалку искрени насмевки
А толку многу лица
Трчајќи го материјалното
Заборавaме на душите
Закачени на жицата на животот
Висат
Ја вадам шминката
Со години наталожена
Сол
На образите
Доволна да нахрани
седум гладни мориња
Ги соблекувам сите слоеви тага
Oстанува само мирисот
Доволен да ме врати назад
Во времето
Немам што да барам таму
Се` што имам е овде
Во мене
И во можностите
Се попарувам со врела вода
Како вреќичка чај
Испуштам арома на грев
Водата нема да ме измие
Остануваат траги
Од прстите на сеќавањето
Допири
Годови под кожата
Брчки
Онаму каде што минале
Солзите
И насмевките
Додека се гледаме во очи
Нашите погледи пропаѓаат
Некаде далеку зад нас
За да заборавиме
Колку сме плитки
Во суштина
Трчајќи по духовноста
Забораваме на телата
Закачени на жицата на животот
Висат
Маските паднаа
Во овој свет бесмислено двосмислен
Зар некому му е дојдено до театар?
Заминувам босонога
Немам што да понесам со себе
Куферот е само декор